/ Прочитано:

2.390

Рајнхард Прибе на Охридската школа за природно право

Правниот експерт Рајнхард Прибе денеска на Охридската школа за природно право имаше свое излагање во врска со владеењето на правото и европските интеграциски процеси.

На Охридската школа Прибе истакна дека демократијата, владеењето на правото и човековите права се вредности на Европската Унија кои мора да ги почитуваат земјите кандидати за членство во Европската Унија. Тоа, подвлече Прибе, се европските вредности што се предуслов за зачленување.

„Задоволство ми е што сум тука во Охрид, да учествувам на Школата за природно право  и можноста да им пренесам на младите правници за европските интеграциски процеси и европските вредности што се предуслов за зачленување. Очекувам отворена дискусија со нив, се надевам дека ќе успеам на научна основа да им пренесам што значат европските интеграции“, истакна Рајнхард Прибе, поранешен директор на Директоратот за проширување на ЕУ.

На почетокот од овој месец, комесарот за преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан, соопшти дека повторно во Скопје го испраќа експертот за владеење на правото на Европската комисија, Рајнхард Прибе, кој заедно со група експерти на Комисијата ќе треба да ѝ помагаат на новата Влада на Република Македонија во напорите за реформи.

Охридската школа на природното право на тема: „Демократија и владеење на правото“ е во организација на Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите.

На школата учество ќе земат еминентни домашни и странски професори и стручњаци и студенти од сите универзитети и факултети во државата, како и  дваесет и пет магистранди и пет докторанди на правни и политички студии.

Како главни цели на Охридската школа на природното право се издвојуваат: проширување на знаењата низ заемно истражувачко искуство на студенти на втор и трет циклус на правни студии и нивните професори и ментори, во различни подрачја на правото низ интегралистички пристап, кој ги спојува: универзалните начела и стандарди на човековите права, водечките идеи и вредности на правото, вредностите на демократијата и владеењето на правото и правдата, позитивното право, примената на правото во практиката и правдата што со своите пресуди ја делат судовите во судската практика.

ОХРИДСКА ШКОЛА НА ПРИРОДНОТО ПРАВО: „Демократија и владеење на правото“

М.В