/ Прочитано:

1.600

Разговор со Бојан Матовски, активист на Студентски Пленум: „Одиме чекор по чекор – ниту молкот, ниту апсурдниот предлог не е решение за туѓите грешки“

Идејата за Студентскиот Пленум е изворна студентска идеја, ослободена од политички влијанија, апсолутно без никакво протежирање на никакви политички опции и вмешаност од едноставна причина што индексот е нашата единствена партија. Студентскиот Пленум се бори за правата на студентите, а последниот предлог со државниот испит е кулминација на наталожените проблеми и неуспесите на образовната политика која се заканува дека ќе удри врз грбот на студентите. Од тие причини, Студентскиот Пленум е простор кој функционира по вредностите на непосредната студенстска демократија затоа што секој од нас сме ние и сите ние сме еден, вели Бојан Матовски, активист на Студентскиот Пленум, кој за Академик говори од името на Пленумот, објаснувајќи ги барањата на студентите, предлогот за екстерното тестирање, како и за структурата со која функционира Студентскиот Пленум.

Студентите се организираа самите

„Во општество во кое секогаш кон движењата се посочува со прстот на политиката, веројатно атипично е да се помисли на доследно почитување на студентската слобода, дури и во состојба кога се бориме за неа. Студентскиот Пленум е група на студенти кои спонтано се собра и делува. Имено, студентите се организираа самите и овде се работи за едно чисто студентска идеја“, вели Матовски, посочувајќи дека нивната дејност е продолжеток на претходно искажаниот револт и протести на студентите преку противењето на високите давачки и условите по студентските домови.

„Многу организации го критикуваа односот кон студентите. Да ги напоменеме и активностите на Слободен индекс и Младински Образовен Форум во таа насока. Имаше и иницијативи против нечовечките услови во студенстките домови и против големите давачки на студентите. Но, исто така, и Студентскиот парламент беше подложен под перманентна критика  бидејќи имаше пасивна и незначителна улога за овие прашања од суштествено значење за студентите“, нагласува тој.

Во врска со имплементацијата на ЕКТС и корелацијата со државниот испит,  Матовски вели дека начинот на кој се применува „Болоња“ низ праксата покажал низа слабости.

Унифициран став на студентите 

„По однос на прашањето на овој систем, разбирливо е дека методологијата на студирање по истиот не генерира унифициран став на студентите во однос на неговата оправданост или неоправданост, како што солидарноста и обединетоста евидентно се забележува во однос на прашањето за екстерното, односно за најавениот државен испит. Значи тука е основниот проблем. Не е валиден тој аргумент дека државен испит ќе реши децениски проблеми со нешто што навистина нема врска со испрашување студенти. Проблемот е покомплексен.  Имено, во однос на ЕКТС, проблематично е како тој се применува бидејќи се забележуваат отскокнувања од неговите принципи, а тоа прашање не може да се реши со воведување на државен испит, што нема ниту правна, ниту законска, ниту логична причина. Не може врз грбот на студентите да се „реформира“ една реформа за која навремено не биле предвидени ризиците од нејзиното воведување во однос на квалитетот на образованието. Тоа нема да го дозволиме.“

Активистот Матовски вели дека за Студентскиот Пленум е сеедно дали оваа или онаа политичка партија е на власт и во чие време болоњскиот систем бил воведен.

Кога се воведуваше Болоња кај нас, во други земји се протестираше против тој систем

„Факт е дека кога тој систем се воведуваше кај нас, на глобално ниво имаше протести за него. А, зошто беше така низ светот, мислам дека е сосема јасно како што и денес покажуваат компаративните примери. Во тој контекст, напоменувам дека Студентскиот Пленум не реагира делумно, значи наша амбиција е да фатиме чекор по чекор со решавање на проблемите. Но, ние делуваме и револтирано реагираме сега заради екстерното затоа што буквално тоа е капак на сите овие напластени проблеми, но никако не и нивно решение, а очигледно се нуди како единствено решение. Мислам дека е тоа многу јасно и тука нема што многу да се разјаснува, доволно е да се види само како студентите инстинктивно и рефлексно реагираат кон нешто, кое го препознваат како неправда и нарушување на нивните студентски и граѓански права. Кога сме веќе кај ова грубо нарушување на правата, не може да не се напомене дека со најавениот испит се нарушува и автономијата на Универзитетот. Автономијата на Унивезитетот не означува само формално-правна гарантираност како што и впрочем е предвидено во Уставот, туку го означува и животот на Универзитетот и студентите, слободната и креативна студентска средина која секогаш, по самата природа на својата просветителска филозофија и вредности, треба да е простор каде слободата и автономијата ќе бидат простор за идеите, процесите, иднината“, нагласува Матовски.

Масовен протест кој го покажува незадоволството

„Дека тоа е така, најдобро докажа протестот на студентите кои спонатано се спротивставија против најавениот државен испит. Се работи навистина за сериозна бројка, што значи бројка од 3 илјади студенти кои се добар дел од студентската заедница и навистина  се работи за репрезентативен процент кој го потврдува мислењето на сите студентите за екстерното тестирање“, вели тој, додавајќи дека дури и самите тие се изненадиле од масовната студентска излезност.

Во тој контекст напоменува дека за квалитетот на образованието постојат прифатени законски алатки како евалуацијата и акредитацијата, односно постојат методи кои тоа може да го оценат и, како што вели, нејасно е зошто тие се потиснуваат и девалвираат. Покрај тоа, Матовски додава дека, исто така, како еден индикатор за квалитетот на образованието, може да се земе и колку студентите по дипломирањето се квалитетни на пазарот на труд.

Небулозен и апсурден предлог

„Логично се наметнува прашањето за ирелевантноста на едно вакво тестирање кое не претставува ништо друго освен уште една бирократска алатка и несуштинска анализа заснована на небулозна методологија, а тоа е прашањето колку образованието е компатибилно се реалниот пазар на труд и дали ги потврдува парамаетрите на пазарната и трудовата потреба и пракса. Ако погледнеме реално, најдобар доказ за тоа дали еден универзитет има излезност на квалитетни кадри е колку тие го потврдуваат своето знаење низ праксата. Што е со врвните кадри кои го докажале своето знаење низ изминативе години без притоа да поминат низ тестирања и „верификација“ на знаењето, можеме ли да го оспориме нивното знаење?“, прашува Матовски, додавајќи притоа дека секој што студирал знае дека при полагање на испит од големо значење е и субјективниот фактор.

„Како може со еден испит да се девалвираат испитите на положените испити на факултет, за кои се вложил труд, па јасно е дека може една причина од субјективна природа кај студентот да биде доволна неоправдано да се фрли сомнеж врз неговото познавање на материјата. Затоа и постојат сесиите, студентите да полагаат во тие сесии, во тоа е смислата на полагањето на испитите, инаку и тие би биле елиминаторни, без право на повторно полагање. Значи нема компатибилност во она што значи универзална поставеност на испитувањето и полагањето на испит и таквото ад хок полагање на испитот. Постои реална можност студент кој максимално се вложил во студииите заради субјективни, па и објективни причини да не покаже баш тој ден еднаков резултат. Тоа е познато во педогогијата и воедно е дидактичко прашање, кое исто така е предмет на науката и дискутабилно кој така ноншалантно пристапил кон ова прашање. Универзитетот, пред се, е педагошка институција“, додава тој.

Студенти работат за да платат студии, уште екстерно им фалеше

Матовски се осврнува и кон социјалниот моментум и она што значи студентски живот, кој, како што вели, е од огрмоно значење за нивната личност и вреднувањето на нивниот ентузијазам, комуникација и слобода на личноста.

„Студентите имаат и социјален живот, за нив е важно не да се изолираат од животните активности што подразбира дружба и посветување кон  други работи на приватен план, а не само опседнатост со тој некој бирокаратски испит кој може да им го сруши целото студирање. Многу од студентите работат за да го платат студирањето, зошто нивните немаат пари. Реално, тоа е еден перманентен стрес, а најмалу предизвикувачка одговорност. Се знае кој се авторитетите пред студентите – тоа се професорите, кои се и педагози. Не може државни службеници со министерски налог да се наметнуваат како фактори во студентската средина затоа што таму не им е местото. Универзитетот не е место за експерименти на администрацијата, Универзитетот е место за слободата, а со неа не може да се експериментира затоа што тоа се покажало погубно. Во сите тие јалови обиди, за жал, најпрво се погазува студентското достоинство и личност“, потенцира Матовски.

Се крши и автономијата на Универзитетот

Активистот на Студенстки пленум вели дека со воведувањето на државен испит брутално се крши автономијата на Универзитетот и упатува дека е очигледно, како што вели,  внесување на страв од испитот и користење на термини како „разговори за моделите“ иако модел никој не видел.

„Како да се занемарува дека студентите се личности и форсирање на концептот на елиминаторен „врховен“ испит генерира страв и блокада на креативноста во име на бирократското оправдание пред државни службеници, што повторно е парадоксално. Ова е една аспурдна ситуација, и навистина ова треба да се отфрли априорно, а не да се разговара за модалитети и варијации. Не се работи за прашање на модалитети и преговори, туку се работи за директно кршење на правата на студентите и Автономијата на унивезитетот. Автономијата на Универзитетот секако дека е универзална и историска вредност – а тоа е така, токму заради овие причини. Власта секогаш ќе сака, како што се докажало и низ историјата, да посегне по Универзитетот и неговата слобода затоа што за неа од големо значење е да се контролира студентската средина. Тоа секако се постигнува често со вакви инструменти, кои во себе ја кријат контролата како алатка“, вели Матовски.

А, кој ја гарантира објективноста на тој испит, кога државата нема верба во своите институции?

„Не може да се говори дека нешто е во полза на студентите кога секој студент знае колку е полезно во тоа ако паднеш на испит, да не можеш повеќе да студираш. Која е смислата на факултетското образование? Верувам дека креаторите на ваквата замисла знаат што значи зборот „факултативно“, а како што стојат работите можеби и не знаат. Немаат јасен став, не прикажуваат модел, а говорат за модели. Образложуваат, а самите се во една конфузија,  говорат за нешто без да кажат за што, бараат аргументи, а своите не ги предочуваат зошто ги немаат. Дијагностицирале некои проблеми и мислат дека со вакво парцијално решение доведено до степен небулоза ќе решат друга состојба која благодарение на таа образовна политика низ годините покажала слабости. Не може со надворешноста, во случајов екстерноста, да се реши проблемот на внатрешните слабости, односно темелот на проблемите. Тие работи се решаваат од темел, не со дискурсот на екстерноста. Ние не негираме дека во високото образование не постои непотизам, корупција, несовесност и неетичност, но секако дека со тоа што студентите ќе одговаараат на прашања нема да се реши тоа. Како може образовната елиминацијата на студентите да ги елиминира овие проблеми? Зарем тоа треба да ја замени работата на надлежните институции кои треба да се справат со овие проблеми, на крајот на краиштата, тие институции се плаќаат со данокот на народот, што им е друго работа? Тука логично се поставува и прашањето, а кој пак би ја гарантирал објективноста на државниот испит, секако дека сме свесни дека постои можност испитот да биде поинаков кон децата на општествените големци, или оние блиски до власта, на пример ако некако ги дофатат тие екстерни испити пред самото испитување. А, можно е и токму тие за студиите да не покажале добри резултати, а да имаат најдобар испит, се разбира. Мошне суптилен начин за поправање на сликата за тој студент“, елаборира Матовски.

Екстерното образование во средните училишта како „предупредување“

Активистот Бојан Матовски како пример го наведува и средното образование во кое, како што истакнува, има еден вид „предупредување“ дека треба да се пристапи со должна скептичност кон најавите од Министерството за образование бидејќи се ветувало и за екстерното во средното образование, но ветувањата не се исполниле. Матовски гледа парадокс и во системот на евентуалното подготвување на прашања за тие испити.

„Тука се наметнува и прашањето кој би ги правел тие прашања, еве да речеме за нуклеарна физика. Некој службеник? Па тој службеник пак ќе се обрати кај професорот по нуклеарна физика, бидејќи колку е можно такви стручњаци да постојат во Македонија. Повторно вртење во круг и повторно кај професорот. Во таа насока се поставува и едно од клучните прашања, дали ваквиот испит ќе има влијание врз просекот на студентот? За средното, велеа не, но, не испадна така. Екстерното оценување во средното образование има влијание врз просекот, дури до таа мера што има крајно негативни реперкусии. Да илустрирам со пример. Се случува студент што добил  оценка 4 по македонски јазик, таа оценка да ја потврди на екстерно. Тој студент имал 4 и пол просек од предметите кои не спаѓале во екстерно, и до тука во ред е ситуацијата. Е сега на овие предмети се додаваат во конечен просек и останатите два, меѓу кои и оваа четворка која во вкупен износ од одличен го прави многу добар. И тоа е сериозен проблем, истата оценка по тие пресметки на колективен збир со предметите од екстерно му го расипуваат просекот. Зошто има потреба да му се внесе и оценката кога ја потврдил, зошто таа се дуплира?“ прашува Матовски.

Од тие причини тој нагласува дека оправдано се јавува сомнежот дека исто ќе се случи и со студентското тестирање, а воедно упатува и забелешка кон (не)унифицираноста на испитите.

(Не)унифициран испит и парадокс: Како ќе се оцени студент на Правен факултет и како студент на Елeктро факултет?

„Како ќе се оцени студент на Правен факултет за кој е битна реториката и ораторството, а како студент на Електро факултет за кој е битна практичната работа. Ако имаме унифициран испит (на пример, испит кој ќе биде само на заокружување), имаме јасен проблем, бидејќи предметните содржини не се унифицирани, односно имаат поинаква парадигма во студиите. А ако испитот пак е неунифициран, тогаш како ќе се справат со спроведување на еднакво тешки испити на сите факултети?“, укажува тој, потенцирајќи дека сите овие прашања биле разгледани на Студентскиот Пленум и дискутирани низ мошне полезна расправа, што е, како што вели, една од одликите на Пленумот како студенстка иницијатива.

Непосредна студентска демократија

„Студентскиот Пленум е изворна студенска иницијатива и единствена агенда е положбата на студентот и одбраната на неговите права и интереси. Пленумот делува по хоронзонтална организациона линија и е простор заразменување на идеи и предлози зановани на непосредна студентска демократија. За поголема практичност и ефикасност, има и локалните пленуми од каде доаѓаат идеите и предлозите кои преку делегати се искажуваат на глобалниот пленум и состанокот на делегатите. Тенденцијата е што повеќе студенти да се вклучат заради внесување на покреативна расправа, брејнсторминг на идеи. Тие се евидентираат од записничар, а постои и модератор заради ефикасноста и редот. На состанокот на делегатите се расправаат прашањата дискутирани на локалните пленуми, а заклучоците од некои важни прашања се враќаат кон локалниот пленум за целосно усогласување на ставовите и барањата, кои се во насока на таа непосредна студентска демократија. Исто така, поради практични причини се создаваат и т.н. работни групи кои ги сочинуваат сите заинтересирани ентузијасти, а работат само на една зададена тематика (како односи со јавноста, изработка на транспаренти, комуникација со организации и странски движења, итн)“, вели Матовски, кој децидно потенцира дека основна карактеристика на Пленумот е вреднувањето на секој студентски збор и глас еднакво, што и Студентскиот пленум го прави простор еднаков и достапен за сите.

Проблемот со лидерството е што тоa се однесува како чир

Прашувајќи го за орвеловските осцилации на движењата како искуство, Матовски резонира дека она што е одлика на неговите колеги е искреноста кон прашањето и желбата навистина да успеат во намерите. Токму затоа, како што вели, не постои лидер.

„Не постои лидер. Проблемот со лидерството е што тој се однесува како чир на движењето. Секогаш тој чир може да се отсече за да се неутрализира моќта на студентите. Затоа и не постои лидерство, нема еден лик со кој движењето би се идентификувало, постојат само делeгати, студенти, солидарност. Не може на сите да им се упатат закани како што може на еден, на пример. Одговорноста е поделена, а сето тоа во функција на доследно почитување на секој студенстки глас, затоа што секој од нас сме ние и сите ние сме еден“, заклучува Матовски, воедно упатувајќи апел студентите што помасовно да се вклучат во Студентскиот пленум затоа што силата на студентските движења е во солидарноста и заедништвото.

Разговараше: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk

Објавено: 19. 11. 2014