/ Прочитано:

1.570

Референдум за ГТЦ: „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?

Недела, 26 април 2015  – Утринава во 7:00 часот беа отворени гласачките места во општина Центар, на кои граѓаните гласаат на референдумското прашање: „Дали сте за тоа да се задржи автентичниот изглед на фасадата на Градскиот трговски центар?“.

Гласањето се одвива на сите места на кои се гласа и за време на секои избори, а процесот го надгледуваат вкупно 597 набљудувачи – од Државната избора комисија, МОСТ, Цивил, ОБСЕ и други  невладини организации.

Државната изборна Комисија претходно соопшти дека во избирачкиот список се регистрирани 43. 560 гласачи, што е за околу 750 гласачи повеќе од последните организирани избори.

За референдумот да биде успешен, на гласање треба да излезат половина од запишаните гласачи, односно 21.781 избирач, а за да се сочува автентичниот изглед на ГТЦ, повеќе од половина од нив треба да одговорат со „ЗА“ на референдумот.

Според анкетите, осумдесет проценти од граѓаните во Центар ја поддржуваат можноста за референдум и веруваат дека и тие треба да бидат вклучени во одлучувањето. Поддршка за овој референдум има и од 17 невладини организации, како и од Студентскиот пленум.

Средствата за распишување на тендерот се обезбедени од буџетот на Општината. Градоначалникот Андреј Жерновски вели дека за референдумот се потребни од два до три милиони денари и дека овие пари се веќе испланирани со буџетот за 2015 година.