/ Прочитано:

6.981

„Реформите не се одвиваат на начин на кој јас замислував“ – Оставка на професорот Калајџиев од Советот за реформи во правосудството

Професорот по Казнено процесно право на Правниот факултет во Скопје, Гордан Калајџиев, поднел оставка на членството во Советот за реформи во правосудството. Калајџиев  вели дека Советот е доста маргинализиран, се свикува многу ретко, а на дневен ред се поставуваат прашања по избор на Министерството. Моето лично убедување, нагласува професорот, е дека има некои чудни центри на моќ кои работат на реформите без транспарентност. Нашето учество таму, додава професорот, секако беше базирано и на добра волја и ако не чувствувам дека има добра волја и од другата страна, немам ни причина да учествувам.

„Некои важни иницијативи се одбиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на Министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи. Мислам дека напротив сериозноста на задачата бара многу добро да се размислат чекорите што се преземаат бидејќи само палијативни, нови крпења на законските прописи, нема да донесат решенија на проблемите како што не донесоа ни досега, бидејќи ние и без да правиме реформи имаме пристојни законски решенија. Но имаме сериозни други проблеми што уште де факто не сме ги детектирале, зошто и како нашиот систем не е резистентен на политичките влијанија, кои се тие канали преку кои се врши притисок врз судството и обвинителството што доведуваат до селективност, политизираност“, вели Калајџиев.

„Лично сметав дека реформите не се одвиваат на начин на кој јас замислував во однос на брзината. Нема вистинска инклузивност ниту на луѓето кои се засегнати од реформите, пред сè, тука мислам на самите судии, обвинителството во делот на правосудството, ниту на дел на инклузивноста на граѓанскиот сектор. Но најнезадоволен бев од работата на самиот Совет“, додава проф. Калајџиев.

Според професорот, може да се прифати аргументот на Владата дека ним им требаат некои чекори, некои резултати, во краток временски период за некои политички цели. Меѓутоа, нагласува тој, јасно треба да се каже дека тие работи ќе се преземат во таква итна постапка.

„А за многу други работи треба да се остави многу повеќе простор, да се издебатира, можеби да се истражи. Многу реформи во светот се прават врз основа на неколкугодишни истражувања бидејќи нам ни е јасно, или мене барем ми е јасно, дека само со нови законски решенија во постојните закони нема ништо да направиме бидејќи, ако беше до законските решенија, ние веќе имаме добри законски решенија“, вели Калајџиев.

М.В