/ Прочитано:

961

Регионална конференција: „Транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација“

Четврток, 25 септември 2014 – Заменик министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска-Томовска, денеска ја отвори регионалната конференција „Транспарентност на медиумската сопственост и спречување на медиумска концентрација“, која во организација на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се одржува во Скопје.

Во своето обраќање пред учесниците таа се осврна на улогата на медиумите во општеството, како субјекти кои придонесуваат во развојот на демократските процеси на една земја.

„Концентрацијата на сопственоста на медиумите претставува сериозна закана за медиумскиот плурализам, кој пак е еден од основните услови за развојот на демократијата и остварувањето на основните човекови права – правото на слобода на изразување. Улогата на државните институции е да обезбедат гаранции дека медиумите ќе ја одиграат својата улога на вистински чувари на демократијата, да „им го расчистат патот“, односно да постават темели на добра медиумска политика, со јасно зацртани цели, мерки и активности во регулирањето на медиумскиот сектор“ , рече Арсовска Томовска.

Во Република Македонија, прашањата во врска со сопственоста на медиумите, недозволената медиумска концентрација и транспарентноста на медиумската сопственост се регулирани со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во Законот за медиуми, кои стапија на сила во јануари годинава.

На регионалната конференција во Скопје учествуваат претставници на регулаторните тела за медиуми, ресорни министерства, парламентарни комисии, како и невладини организации од Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово и од домаќинот Македонија. Тие заедно дискутираат за важноста на обезбедување на транспарентност на медиумската сопственост, за правната рамка и тековните практики поврзани со ова прашање.