/ Прочитано:

1.429

Регионални искуства за меѓународната заштита и остварувањето на социјалните права на бегалците и мигрантите

Нашите институции сосема неподготвено ја дочекаа бегалската криза. Искуствата веќе покажуваат дека одамна усвоените стандарди за човекови права немаат цврста основа ниту во многу постабилните демократски општества, а тоа секојдневно се докажува со сè поголемото зајакнување на екстремистичките движења кои ги негираат човековите права на бегалците. Најмногу загрижува и фактот дека самите бегалци и мигранти не си ги знаат своите права

Бегалци во Демир Капија

Годината што изминува ќе биде забележана по бегалскиот бран што ја зафати Македонија како земја која е дел од Западнобалканската рута по која мигрантите и бегалците од воените жаришта на Блискиот Исток и од земјите од Северна Африка се обидуваат да стигнат до нивните крајни одредишта, односно до западноевропските земји меѓу кои Германија, Холандија, Австрија, Франција…

Ваквата состојба наметна низа обврски за земјите особено во насока на дејствување во согласност со Конвенцијата за статусот на бегалците на ООН од 1951 и нејзиниот придружен Протокол од 1967 за статусот на бегалците.

По едногодишно истражување од страна на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“, на денешната конференција „Миграции, услуги, интеграција“ се дискутираше за клучните прашања кои се однесуваат на бегалците и мигрантите, односно за меѓународната заштита и доделување на азил, како и за остварување на социјалните права на бегалците и мигрантите кои во моментов се наоѓаат на териториите на Македонија, Србија и Хрватска.

Истражувањето ги анализираше тековните политики за миграции во трите држави. Направена е и процена на капацитетите и меѓусебната поврзаност и соработка меѓу сите оние кои беа директно вклучени во работата со мигрантите и бегалците (граѓански организации, интернационални организации и јавни институции). Во Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ велат дека оваа анализа ги детектира бариерите во остварувањето на социјалните права и ги идентификува потребите за воведување дополнителни услуги за бегалците, мигрантите и барателите на азил.

Бегалци

– Воочивме дека, кога станува збор за усогласеност на активностите поврзани со бегалците и мигрантите за кои се надлежни институциите во трите земји, оценката од граѓанскиот сектор е сосема спротивна од оценката на самите институции. Според невладините организации не постои доволна меѓусебна соработка, додека  пак институциите посочуваат дека соработка постои и тоа во информирањето и во давањето услуги во криза и во интеграцијата. Очигледно, вистината е некаде помеѓу, истакна Маја Раванска од „Паблик“.

Според невладината организација „МОСТ“ од Хрватска, која беше активно вклучена во истражувањето, најголемиот проблем во трите држави е неподготвеноста на институциите да се справат со напливот на бегалците.

„Сведоци сме на сето она што се случуваше од почетокот на годинава, особено во текот на пролетта и летните месеци кога бегалскиот бран зеде најголем замав. Ниту една од државите не беше целосно подготвена за толку комплексна ситуација. Најголем проблем  во Хрватска е тромоста на системот да одговори брзо и адекватно на потребите на бегалците и на барателите на азил, особено на децата без придружба“, вели Џордана Барбариќ од хрватското здружение „МОСТ“.

Комитетот на правници за човекови права „Јуком“ од Србија се осврна на правната положба на бегалците и мигрантите. Според Комитетот, правната положба на овие лица во Србија не е регулирана на соодветен начин.

„Нашите институции сосема неподготвено ја дочекаа бегалската криза. Искуствата веќе покажуваат дека одамна усвоените стандарди за човекови права немаат цврста основа ниту во многу постабилните демократски општества, а тоа секојдневно се докажува со сè поголемото зајакнување на екстремистичките движења кои ги негираат човековите права на бегалците. Најмногу загрижува и фактот дека самите бегалци и мигранти не си ги знаат своите права, а на почетокот на кризата Србија не ги почитуваше одредбите од Конвенцијата за човекови права со која апсолутно се забранува протерување или казнување на бегалците поради нелегалното влегување во некоја од државите, истакна Ана Јанковиќ, правник во Комитетот на правници за човекови права „Јуком“ од Србија.

Македонската слика од претходната бегалска криза

Според последниот Извештај на ЕУ за напредокот на Македонија, во Македонија до септември 2016 година имало 664 Роми од Косово, од кои 18 имаат статус на признаени бегалци, 173 се со одбиени барања за право на азил и 473 лица се под супсидијарна заштита. Тие не се вклучени на пазарот на трудот, живеат во пренаселени домови во повеќечлени семејства,  во лоши хигиенски услови, со отсуството на постојан месечен финансиски приход или со парична социјална помош која се движи меѓу 2 500 до 6 000 денари. Некои од децата на бегалците биле вклучени во програми за субвенционирано вработување, но не биле вработени по завршувањето на програмата.

А. Б.