/ Прочитано:

1.495

РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА: Зголемен број жалби од областа на електричната енергија

Вторник, 18 август 2015 – Во текот на 2014 година до Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со Законот за постапување по претставки и предлози,  биле поднесени 104 претставки, од кои 53 се однесувале за прашања од областа на електричната енергија и 51 за топлинска енергија, велат од оваа комисија.

Според податоците, до Комисијата биле поднесени 50 претставки во врска со електричната енергија од страна на физички лица, а три претставки биле поднесени од правни лица. Во врска со топлинската енергија, 48 претставки биле поднесени од страна на физички лица и 3 од страна на правни лица.

Постапки по жалби поднесени до Регулаторната комисија за енергетика

Со Правилникот за начинот, условите и постапката за одлучување по споровите и висината на оправданите надоместоци за трошоците настанати во постапката  се уредуваат начинот, условите и постапката за одлучување по споровите поведени од корисниците на системите или од учесниците на пазарите против соодветните носители на лиценци во врска со вршењето на регулираните енергетски дејности и споровите во врска со примената на пропишаните услови, методологии или тарифи за приклучување, пристап, урамнотежување и користење на соодветните системи или пазари и доделување на соодветните интерконективни капацитети, кога барањето за интерконективен капацитет е одбиено од оператор на преносен систем од Република Македонија, како и висината на оправданите надоместоци за трошоците настанати во постапката.

„Но, овој правилник не се однесува на спорови за кои со закон е пропишана исклучива надлежност на суд или друг орган во Република Македонија. Постапката за одлучување по споровите ја води Комисија за водење на постапка за одлучување по спорови во рамките на Регулаторна комисија за енергетика“, појаснуваат од Регулаторната комисија.

„Оттука, во текот на 2014 година до Регулаторната комисија за енергетика беа поднесени вкупно 125 жалби од областа на електрична енергија“, додаваат од Регулаторната комисија за енергетика во нивниот Годишен  извештај.

Според податоците на Комисијата, Во 2014 биле поднесени 125 жалби, во 2013 биле поднесени 101 жалба, а во 2013 биле поднесени  110 жалби.

Во 2014 година биле усвоени 72 жалби, биле запрени постапките за 10 жалби, биле одбиени  13 жалби, биле отфрлени 3 жалби, а во врска со 27 жалби постапката продолжува во 2015 година.

Постапки по жалби поднесени до Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката

Во согласност со членот 31 од Законот за енергетика, по поднесени жалби против поединечните акти на Регулаторната комисија за енергетика одлучува Комисијата за решавање на жалби во областа на енергетиката (како второстепен орган).

Во врска со ова прашање, од Регулаторната комисија велат дека во текот на 2014 година преку нив, како комисија, биле поднесени вкупно 50 жалби во областа на енергетиката, од кои 30 се одбиени, 1 е отфрлена, а за 20 жалби постапката е сѐ уште во тек.

Тужби за поведување управен спор пред Управниот суд

Против одлуките донесени од Регулаторната комисија за енергетика (како второстепен орган), во текот на 2014 година биле поднесени вкупно 3 тужби за поведување управен спор пред Управниот суд на Република Македонија.

„Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија кон крајот на месец ноември 2014 година поведе 13 постапки по предлог за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа пред надлежни нотари во Република Македонија, за наплата на пристигнати парични побарувања од регулирани претпријатија. Нотарите, до кои беа поднесени предлозите, издадоа Решение за извршување врз основа на веродостојна исправа, но поради краткиот временски период, до крајот на 2014 година не се создадоа услови за правосилност и извршност на издадените решенија, па од тие причини постапките продолжуваат во 2015 година“, велат од Регулаторната комисија.

M.В