/ Прочитано:

768

Рекордни казни за договарање на цените на глобално ниво

Понеделник, 12 јануари 2015 – Казните што ги добиле компаниите на глобално ниво поради местење на цените во 2014 година достигнаа рекордни 5,3 милијарди долари.

Ова се должи на фактот што агенциите за конкуренција во светот влегоа во војна со картелите што манипулираа со низа производи на пазарите – од автоделови до колбаси, пишуваат европските медиуми.

Агенциите за конкуренција од целиот свет во 2014 година изрекле парични казни во износ од 5,3 милијарди долари, што е за 31 процент повеќе во споредба со рекордните износи забележани во претходните години, објави лондонски „Фајненшл тајмс“.

Повеќе релевантни институции на пазарите во развој во Европа преземаа досега невидени, најригорозни акции против поединци или компании што беа дел од картелите, велат податоците на меѓународната адвокатска компанија „Ален и Овери“ (Allen & Overy).

Минатата година Бразил се покажа како една од најстрогите држави кога е во прашање спроведувањето на законите од областа на заштита на конкуренцијата, изрекувајќи казна во износ од 1,6 милијарди долари. Бразилскиот суд исто така  ја изрече и најдолгата затворска казна за местење на цените. На бразилски извршен директор, кој беше прогласен за виновен за местење на цените меѓу две авиокомпании, одредена му е затворска казна од над 10 години и парична казна од 156 милиони долари.

„Индивидуалната одговорност полека почнува да се претвора во мантра на сè поголемиот број агенции на глобално ниво, па обвинетите за прекршување на законите што треба да обезбедат заштита на пазарната конкуренција сега ги чекаат затворски казни на повеќе континенти.

Тоа е навистина отрезнувачка реалност за функционерите кои се надлежни за глобалните бизнис-линии, кои ризикуваат сериозни санкции поради личното учество, како и поради своеволното игнорирање на прекршувањето на законот од страна на нивните подредени“, вели Џон Терзакен, партнер во адвокатската фирма „Ален и Овери“.

Минатата година и Франција и Германија ги изрекоа досега највисоките казни, при што француските власти на само еден картел му одредија казна од 1,2 милијарди долари, додека германските казнија три картели со вкупно милијарда долари.

Меѓутоа, американското Министерство за правда, кое обично е  глобален лидер според изречени казни за кршење на Законот за пазарна конкуренција, минатата година изрече за 15 проценти помали парични казни во однос на претходната година.

Казната за членовите на картелите изнесуваше 861 милион долари во фискалната 2013-2014 година, која завршува на 1 октомври. Речиси сиот тој износ произлегува од истрагата на картелите на произведувачи на автоделови, која резултираше со парична казна во износ од 2 милијарди долари, која заедно ја платија повеќе од 20 произведувачи.

Произведувачите на автоделови во целиот свет беа мета на агенциите за заштита на пазарната конкуренција, што, според Терзакен, е несомнено најширокиот и најсериозниот случај поврзан со картелите што се памети досега. Агенциите од Европската Унија, Јужна Кореја, Кина и од Канада казнија многу компании, од шведската „СФК“, до јапонските произведувачи „Хитачи“ и „Мицубиши“, во рамките на паралелните истраги во тој сегмент од индустријата во 2014 година, пишува „Фајненшл тајмс“.

Истражувањата покажуваат дека хотелите и кафулињата најмногу се претпочитаат како места за договарање на цените.