/ Прочитано:

1.268

РЕКТОРСКАТА УПРАВА НА УКИМ: Темелни анализи и пилот-проекти пред суштински промени во високото образование

Вторник, 13 јануари 2014 – Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска достави писмо до Собранието во кое се предлага да се пристапи кон одредени предлог-решенија за подобрување на квалитетот на високото образование по спроведување на темелни анализи и пилот-проекти.

„Тргнувајќи од општествената одговорност и својата мисија, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје со одлука и на Универзитетскиот сенат побара од министерот за  образование и наука да се заложи пред овластените предлагачи за повлекување од собраниска процедура на предложените законски решенија поврзани со високото образование, заради поопсежна дебата и согледување на сите аспекти на предложените измени, како и прашањата кои тие ги отвораат.

Бидејќи овој предлог не беше прифатен, а цитираните прописи веќе се во собраниска процедура за нивно донесување, Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје, на својата вонредна седница одржана на 13.12.2015 донесе одлука со која уште една укажува дека за вакви суштински промени во високото образование се потребни продлабочени анализи не само на системот на високото образование, туку и на целокупниот образовен систем воопшто и детектирање на реалните проблеми.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  во Скопје, како главен носител на високото образование во Македонија, ќе го поддржи секој предлог кој ќе доведе до подобрување на квалитетот на високото образование базиран врз аналитички и јасни показатели на неговата целисходност. Во таа насока, Ректорската управа му предлага на Собранието на Република Македонија да интервенира во предложените законски решенија, односно да се пристапи кон одредени предлог-решенија за подобрување на квалитетот на високото образование по спроведување темелни анализи и пилот-проекти“, се вели во писмото на Ректорската управа испратено до претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски и до ресорниот министер Абдилаќим Адеми.

Од МОН, пак, експресно порачаа: „предлогот за спроведување на пилот проект за државниот испит, пред неговото официјално воведување е конструктивен и добар предлог, којшто позитивно го оценуваме и поддржуваме#“.

„Изразувајќи почит кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и другите универзитети, Министерството за образование и наука останува отворено за секоја аргументирана иницијатива и предлог реформа која значи понатамошно унапредување на квалитетот на образованието во Република Македонија.

Потсетуваме дека во изминатиот тримесечен период, прифатени и инкорпорирани се повеќе од 20 предлози кои беа понудени од високо образовните установи, професорите и студентите, како и од останатите општествени чинители“, истакнуваат од МОН.

Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk