/ Прочитано:

2.141

Ремонт на системот за социјална помош преку воведување гарантиран минимален доход

На системот на социјална помош му се потребни ремонт и обезбедување на гарантиран минимален доход за семејствата под ризик од сиромаштија. Ова беше истакнато на денешната прес-конференција на „Фајнанс тинк“, посветена на студијата за гарантираниот минимален доход подготвена од д-р Никица Мојсоска-Блажевски и Марјан Петрески. Истражувањето и подготвениот бриф за политиките од страна на истражувачите и Институтот за економски истражувања и анализи „Фајнанс тинк“ им ја предочуваат на Владата и Министерството за труд и социјална политика важноста за воведување на шема за гарантиран минимален доход.

„Системот на социјална помош во Македонија ја намалува веројатноста за сиромаштија само за околу три-четири процентни поени, споредено со ефектот од, на пример, пензиите кој изнесува 15 процентни поени. Слабиот ефект од системот на социјална помош врз сиромаштијата може да се припише на повеќе фактори, како што се: нискиот износ на помошта, недоволната информираност на најзагрозените лица за можноста за користење на помошта, можноста за подобрување на таргетирањето итн.“, беше истакнато на денешниот настан, кој со воведно обраќање го отвори Благица Петрески, извршна директорна на „Фајнанс Тинк“.

Клучното прашање кое се поставува за социјалната помош во Македонија е колку е тој ефикасен во Македонија, беше образложено на прес-конференцијата. Системот на социјална помош е значително фрагментиран и се состои од 16 различни видови помош, чие администрирање е комплексно и недоволно координирано, а тешко е да се утврди нивниот комбиниран ефект врз сиромаштијата.

Постојат три главни аргументи за подлабока реформа на системот на социјална помош во земјата. Првиот аргумент е слабата ефикасност на социјалните трансфери во намалувањето на сиромаштијата. Втор аргумент, посочија од „Фајнанс тинк“, е ниското трошење програми за социјална помош и трет аргумент е демотивирање на лицата да бараат работа, особено имајќи ги предвид ниското општо ниво на плати и големата сивата економија.

За надминување на неефикасноста, односно слабиот ефект на социјалната помош во земјата, потребно е воведување на т.н. шеми за гарантиран минимален доход кои би довеле до намалување на сиромаштијата, но воедно, би ги спречиле нееднаквоста и дестимулацијата во барањето работа.

„Целта на новиот дизајн на системот за социјална помош е надминување на изнесените слабости преку воведување интегрирана шема за гарантиран минимален доход. Гарантираниот минимален доход е систем за обезбедување социјална помош, кој гарантира дека сите граѓани или семејства имаат приход доволен за живеење доколку исполнуваат одредени услови. Подобноста обично се определува со државјанство, условеност од примање друг вид приход и достапност на пазарот на трудот или подготвеност за вршење услуги во заедницата. Примарна цел  на гарантираниот минимален доход е да се намали сиромаштијата“, посочуваат Мојсоска-Блажевски и Марјан Петрески во студијата на „Фајнанс тинк“.

Во однос на гарантираниот минимален доход, во студијата се издвојуваат три шеми. Една од нив, како што се појаснува во студијата, е старата оксфордска шема која произведува најповолни резултати за животниот стандард, а шемата „исплатливост на работата“ има блага предност во поглед на исходите на пазарот на труд. Третата шема има за цел наоѓање рамнотежа помеѓу еднаквоста и ефикасноста, односно минимален животен стандард за најсиромашните, но исто така, и давање стимулации за работа и можност за самоефикасност.

„Одлуката за соодветна шема треба да ја направи самата Влада врз основа на идеологија и приоритет даден врз еднаквост наспроти ефикасност“, порачуваат експертите Никица Мојсоска-Блажевски и Марјан Петрески. (Линк до Бриф за политиките 21)

Студијата дава оценка на ефектите од предложените шеми на гарантиран минимален доход. Буџетскиот трошок на секоја од трите шеми би изнесувал околу 250 милиони евра, што е 2.5 пати поголем трошок од оној на моменталниот систем на социјална помош кој чини околу 100 милиони евра. Но, сите шеми произведуваат многу посилни ефекти врз животниот стандард, особено врз сиромаштијата. Секоја од трите шеми ја намалува релативната сиромаштија за околу 10 процентни поени, споредено со состојба во која било каква помош не би постоела, или за двојно повеќе споредено со сегашниот систем на социјална помош. Сметано според семејства (единица за пресметка во студијата), сиромаштијата би се намалила од 31.1% на 21.1%, додека сметано според домаќинства (единица за пресметка од ДЗС), од 25.7% на 15.7%. Шемите би ја подобриле и нееднаквоста во дистрибуцијата на доходот за скоро 5 процентни поени“, посочуваат од Фајнанс тинк.

М.В