/ Прочитано:

3.867

Рената Тренеска-Дескоска, нова министерка за образование и наука: „Во образованието не треба да се оди со брзи и необмислени чекори“

Во Министерството за образование и наука денеска беше извршено примопредавање на функцијата министер меѓу Пиштар Љутфиу и Рената Тренеска-Дескоска.

По повод стапувањето на функцијата министер за образование и наука, професорката Тренеска – Дескоска истакна дека е свесна оти пред неа и пред Министерството стојат големи предизвици кои треба да значат подобрување на квалитетот на образованието во Република Македонија, враќање на дигнитетот на наставниците, професорите и сите оние што се вклучени во наставнообразовниот процес.

„Образованието е темелна дејност во секое општество, бидејќи иднината на секоја држава и иднината на секое општество зависи од вложувањето во образованието. Свесна сум дека ова е еден од најтешките ресори, ресор со кој граѓаните секојдневно имаат допир и ќе вложам максимални напори да го подобриме квалитетот на образованието во Република Македонија“, истакна новата министерка.

Во врска со  законските решенија за укинување на екстерното тестирање, таа подвлече дека законот е пуштен во собраниска процедура и дека денеска ќе биде на дневен ред на собраниската седница. Се надевам, нагласи Дескоска, дека денеска ќе бидат усвоени три закони кои ќе ги ослободат децата од екстерното тестирање, но исто така и наставниците од беспредметната обврска што ја имаа досега.

„Сè уште има време да се донесе тој закон и има начин како целосно да се укине екстерното тестирање. За сите реформи во образованието, треба да има анализа и компаративни согледувања, како и конкретни согледувања на терен за тоа како е најдобро да ја направиме реформата. Во сите области ќе се прават консултации и со експерти и со невладини организации кои работат во тие области и со оние што се лично засегнати, односно еснафски здруженија и синдикати во областите за кои се работи“, рече Дескоска.

За Тренеска-Дескоска, актуелниот Закон за високото образование е лош закон кој не ги решава проблемите на високото образование, туку креира проблеми. Набргу, рече министерката, ќе се формира комисија која ќе подготвува нов закон за високото образование.

Во образованието, додаде министерката, не треба да се оди со брзи и необмислени чекори бидејќи ефектите се погубни. „Мојата цел ќе биде што е можно поширока дебата за сите области каде што ќе се прават реформи, со цел да се извлечат најдобрите решенија кои ќе останат подолго време во правниот систем на Република Македонија, а со тоа и да се зголемат ефектите во образовниот систем.

За дисперзираните студии, министерката образложи дека ќе треба врз основа на податоците што ќе ги добие од МОН да се види каде има реална потреба од нив, а каде фигурираат само формално.

„Досега имаше универзитети кои имаат дисперзирани студии само формално, а немаше никаков бенефит од нив. Македонија има потреба од квалитетно образование и фокусирање на средствата во квалитетни наставни програми и студии. Оние што нудат квалитет и задоволуваат потреби на квалитетно образование ќе останат, но оние што постојат само формално и значат непродуктивно трошење на буџетски средства, без да имате квалитетно образование, нема да постојат“, истакна Тренеска-Дескоска.

Проф. д-р Рената Тренеска-Дескоска предложена за нов министер за образование и наука

М.В