/ Прочитано:

1.359

РЕПОРТАЖА: Летна школа во Хаг — поглед на меѓународната правда

Пишува за Академик: Златко Јакимовски, дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Хаг, градот на мирот и правдата, е дом на огромен број значајни институции од областа на правото, како што се: Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен суд, Хашката академија за меѓународно право, Трибуналот за поранешна Југославија, Специјалниот трибунал за Либан, Постојаниот арбитражен суд и многу други.

Палатата на мирот – место кое ги вдомува Меѓнародниот суд на правдата, Постојаниот арбитражен суд, Хашката академија за Меѓународно право и главната библиотека на Палатата на мирот

Главната библиотека на Палатата на мирот

Ден Хаг буди интрига кај мноштво млади правници и професионалци  токму тука да поминат дел од своето образование. Изобилството од летни школи не ме оставија рамнодушен ниту мене. Изборот падна на Универзитетот Лајден, поточно Кампусот во Ден Хаг, „Школа за застапување пред меѓународни судови и трибунали“, под менторство на адвокатот Зафар Али (визитинг професор на Универзитетот Лајден, член на „23 essex street Chambers“, вброен во „Legal 500“, на листата на бранители на Меѓународниот кривичен суд и на Специјалниот трибунал за Либан итн.).

Универзитетот Лајден

Покрај можноста за лична надградба, јакнење на правна вештина и генерирање нови контакти со индивидуи ширум светот, летните школи се одлична можност да се погледнеме себеси во трето лице (како поединци и како општество) и да согледаме до каде сме и што сме. Сѐ што се има да се каже, некој веќе го рекол тоа! Мојата логика е дека вреди да се говори само доколку толкувањето е оригинално, доколку претставува еден диференциран поглед на работите.

Со адвокатот Зафар Али (лево), визитинг професор на Универзитетот Лајден, член на „23 essex street Chambers“, вброен во „Legal 500“, на листата на бранители на Меѓународниот кривичен суд и на Специјалниот трибунал за Либан

Минувајќи доволно време низ „западните“ (континентална Европа) универзитети и правејќи голем број официјални посети на институции значајни за правото, лесно можеш да дојдеш до заклучок дека таму ништо не ѝ е препуштено на случајноста. Од најмалите тимови на практично изведување на наставата, па сѐ до сериозни институции како Меѓународниот кривичен суд, сѐ претставува еден кохерентен систем. Истиот тој систем постои за крајниот резултат да не зависи од личната храброст, од интелигенцијата или од висината на платата на службениците. Можеби тоа е она што не ме импресионираше, преголемата доза на колективизам наспроти систематското потиснување на индивидуализмот, што само по себе продуцира ублажена одговорност. Со сигурност можам да тврдам дека на индивидуално ниво македонскиот правник е рамо до рамо со правниците од елитните европски универзитети. Основната разлика во нашите образовни системи (покрај објективната финансиска дистинкција) е во степенот на хомогеност на студентите. На водечките европски универзитети постојат минорни раслојувања во капацитетот на студентите, можеби 10-20%, додека во македонското образование има сѐ, од гении до целосно незаинтересирани студенти, што е и логична последица со оглед на бројот на универзитети и процентот на средношколци кои го продолжуваат своето образование на тие универзитети.

Од Европа, како систем на вредности, треба да научиме дека квалитетното образование не е работа на судбината, туку последица на правилни одлуки.

Покрај завидното ниво на теоретска настава, европските универзитети се карактеристични и по практичната настава. Изобилството од судови и трибунали во Ден Хаг нудат неповторлива можност одблизу да се следат некои светски познати случаи, да се врши нивна анализа и студија, како и секој да може да изгради свој поглед врз системот на меѓународна правда. Систем што премногу се разликува од националниот поим за правда.

Следуваат неколку лични заклучоци и согледувања врз системот на меѓународна правда.

1. Следејќи го судењето во Специјалниот трибунал за Либан за убиството на либанскиот премиер Рафик Харири, човек лесно доаѓа до заклучокот дека во системот на меѓународна правда секој е моќен онолку колку што другите имаат интерес, заблуда или емоција да го доживуваат на тој начин. Ова претставува последица на фактот што Специјалниот трибунал за Либан има супрематија во однос на националните судови во Либан.

2. Работејќи на случај изведен пред Меѓународниот кривичен суд (ICC), случај од африканскиот континент во кој се бара командна одговорност (посредно извршителство), тргнувајќи од категоријалниот систем на домашното казнено право, бев вчудовиден од фактот дека е воопшто возможно некој да одговара како посреден извршител на кривичното дело силување. Имено, во согласност со членот 7, став 1, алинеја Г од Римскиот статут врз кој фундира МКС (ICC) e предвидена јурисдикција на судот во однос на кривичното дело силување, каде што може да се бара и посредно извршителство. Во македонското казнено право кривичното дело силување, чл. 186 од КЗ, спаѓа во групата delicta manu propria, односно своерачен деликт, деликт што може да биде извршен само од оној што го задоволува својот полов нагон, што значи дека тука се исклучени институтите како соизвршителство или посредно извршителство. Не можев да одолеам да прашам како е воопшто возможно да имаме обвинение каде што се бара посредно извршителство за делото силување. Од адвокатот Зафар Али добив одговор: „Златко, добре дојде во системот на меѓународна правда“.

3. Она што нас, Балканците, можеби најмногу нѐ интригира е работата на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија. Ноторна е дилемата кај меѓународната дипломатија за тоа дали е поважна правдата или мирот. Во случајот на трибуналот (ICTY) приоритетот го носи мирот, што е синоним за превласта на политиката врз правото (за што говори и Флоренс Артман, новинарка во францускиот „Ле монд“, одговорна за Балканот). Следејќи ги рочиштата од процесот против Ратко Младиќ и анализирајќи голем дел од обвиненијата поднесени пред тој трибунал, се кристализира латентната интенција да се одбегне донесување пресуди кои би инклинирале кон каква било колективна одговорност на државите, на бунтовничките вооружени сили или на иредентистичките движења, како субјекти на меѓународното јавно право. Можеби тоа е причината зошто во статутот на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија не е предвидено и не е казниво делото „започнување агресивна војна“, во спротивно сѐ би било поинаку и поправедно.

Симбиозата на теорија и пракса кои овозможуваат контакт одблиску со значајни институции и анализата на реални актуелни случаи, со нови пријателства ширум светот како катализатор, претставуваат доволен мотив за посета на летната школа во Ден Хаг. Сите предности и слабости на еден престој на универзитет што е во најдобрите 100 во светот влеваат погонско гориво да се пронајдеме себеси. Користењето на предностите на искуство од овој калибар ќе ни овозможи градење на кариера (практична, академска итн.) која фрла еден поинаков поглед на светот, а поинаков поглед на светот во кој живееме е иницијална каписла за промена на светот во субјективно детерминиран правец, промена што овозможува комплетна експресија на едно битие, како индивидуално така и колективно.


Фото: приватна архива,  Википедија, getty images

Објавено: 13.09.2015