/ Прочитано:

2.788

Решавање на правните предизвици преку технологија: Прва средба на „Скопје лигал хакерс“ (Skopje Legal Hackers)

Во Скопје се одржа првата средба на „Skopje Legal Hackers“, на која се разговараше за бројни прашања од аспект на технологијата и правото. „Skopje Legal Hackers“ е дел од глобалното движење „Legal Hackers“ и започна со работа од јуни оваа година.

Приказната за „Skopje Legal Hackers“ започнува во Њујорк во 2011 година, како реакција на предлог-законите SOPA (Online Piracy Act ) и PIPA (Protect IP Act) кои истата година не беа изгласани од Американскиот конгрес поради масовни побуни на интернет заедницата.

Моника Сибиновска, правник и  соосновач на „Скопје лигал хакерс“ (Skopje Legal Hackers), вели дека проблемот со донесувањето на горенаведените закони ги ставил во мисла група студенти од Бруклинската правна школа, кои си поставиле серија прашања околу природата на креирање на законите и решавањето правни проблеми, како што се темите:

„Дали наместо судски парници и изготвување легислатива, може да се креираат технологии кои ќе решаваат правни проблеми? Постојат ли механизми за соработка и дискусија кои би произвеле реални и вистински решенија?“

Обединети околу овие размислувања, вели Сибиновска и со локална помош, во април 2012 година била оформена првaта заедница – „Legal Hackers New York“. Од тогаш па наваму, „Legal Hackers“ прераснува во глобално движење, кое прво се шири низ САД, а потоа се префрла во Централна и Јужна Америка, Европа, Азија и Африка. Во Европа, „Legal Hackers“ е присутен со 20 оддели, а на Балканот го има во Риека, Хрватска и Софија, Бугарија.

„’Skopje Legal Hackers’ започна со работа од јуни оваа година. На 15.6.2017 се одржа првата неформална средба на која присуствуваа адвокати и правници, програмери, СЕО-експерти, маркетери, хакери за развој и студенти. Имаше одлична дискусија на која се зборуваше за различни потенцијали во иднина, како и за корективи за тоа што треба да се поправи низ институциите и општеството. Исто така, беа опфатени теми од областа на заштитата на личните податоци и постоењето или непостоењето на потребата од промена на единствените матични броеви, па до застарените софтвери низ некои од државните институции“, истакнува Сибиновска.

Поради позитивниот повратен ефект, на 6 јули 2017 се најавува вториот настан посветен на „Civic Tech“ (технологија што овозможува ангажирање и учество на јавноста во управувањето со заедницата и подобрување на општото добро.); „Legal Tech“ (користење на технологија и софтвер за давање на правни услуги и пристап до правда) и „Law Over Tech“ (регулаторна рамка за уредување на новите технологии).

„Преку бреинсторминг сесии и презентации, заедно ќе детектираме и презентираме проблеми кои ги засегаат локалното граѓанско општество, јавното здравје и безбедност, управувањето со заедницата, пристапот до правда, правни услуги, како и сегашни и идни регулаторни предизвици што ги носи брзиот развој на технологијата. Крајната цел е да мапираме проблеми на чие решавање ќе се работи во иднина“, вели Моника Сибиновска, правник и  соосновач на „Skopje Legal Hackers“.

М.В