/ Прочитано:

2.469

Ресоцијализацијата на осудените лица и реконструкцијата на установите – услови за подобар казнено-поправен систем

Втрорник, 29 септември 2015 – Со Националната стратегија за развој на пенитенцијарниот систем во Македонија ќе се подобрува казнено-поправниот систем. За реализација на целите на Стратегијата предвидена е финансиска помош од Европската Унија.

Од Министерството за правда истакнуваат дека главниот фокус на реформите во пенитенцијарниот систем во Република Македонија, Управата за извршување на санкциите ќе ги презема на долг рок се насочени на четири клучни полиња на развој: Унапредување на ефективноста и ефикасноста на пенитенцијарниот систем, подобрување на начинот на постапување со целосно почитување на човековите права и достоинството на лицата лишени од слобода во казнено -поправните и воспитно – поправните установи, ресоцијализација на осудените и малолетните лица и нивна успешна реинтеграција во општеството и подобрување на условите и намалување на преполнетоста во казнено – поправните и воспитно -поправните установи.

Ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица

Развојот на пенитенцијарниот систем е дел од реформата на казнено – правниот систем што треба да придонесе кон создавање на функционален систем на извршување на санкциите кој ќе обезбеди успешна ресоцијализација и социјална адаптација на осудените лица и нивно реинтегрирање во слободното општество.

Стратегијата треба да се спроведе во периодот од 2015 до 2019 година. Како што беше посочено на денешната презентација во рамки на проектот финансиран од ЕУ за “Градење на капацитетите на агенции за спроведување на законот за соодветен третман на притворените и осудените лица“, реализирањето на нејзините цели ќе значи подобрување на казнениот систем, воведување на пробациски систем за надзор на затвореници, подобрување на условите во затворите преку нивна реконструкција, почитување на човековите права на лицата лишени од слобода и нивна ресоцијализација.

„Една од клучните активности за остварување на целите на Стратегијата е реализација на  капиталниот проект за реконструкција на казнено-поправните установи и подобрување и проширување на сместувачките капацитети во затворскиот систем“, истакна Лидија Гавриловска, директорка на Управата за извршување на санкции. Според Гавриловска, со стратегијата ќе се обезбеди подобар национален казнено-поправен систем како фактор и за унапредување на севкупната безбедност во општеството.

Унапредување на ефикасноста на казнено-поправниот систем

Министерот за правда, Аднан Јашари посочи дека основни пронципи и приоритети на Стратегијата се унапредување на ефикасноста на казнено-поправниот системот, целосно почитување на човековите права, ресоцијализација и успешна интеграција на осудените и малолетните лица.

„При изработката на Националната Стратегија е обезбедена целосна усогласеност и конзистентност на приоритетите и целите на Министерството за правда – Управата за извршување на санкциите и Владата на Република Македонија, што во иднина обезбедува силна поддршка за успешна имплементација на Националната Стратегија“, образложи Јашари.

Шефот на делегација на Европската Унија, Аиво Орав, рече дека кога во прашање е заштитата на човековите права, Европската Унија секогаш дава помош за конкретни проекти, а во функција на унапредувањето на човековите права и  владеењето на правото. Во таа смисла, Орав нагласи дека превенцијата на сите форми на нехуман третман во затворите, се едни од клучните приоритети на ЕУ, како во самата Унија, така и во светот.

Потребна е  напорна работа од сите релевантни институции

„За спроведувањето на стратегијата потребно е силно политичко единство и напорна работа од сите релевантни институции, како и повеќе финансиски и човечки ресурси“, истакна тој, додавајќи дека преку реализација на целите предвидени во документот, ќе се овозможи намалување на пренатрупаноста на затворите и подобрување на ресоцијализација на лицата.

М.В