/ Прочитано:

1.820

Рестриктивните мерки и препораките на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам

Владата во Собранието на Република Македонија го предложи Законот за рестриктивни мерки. Министерството за надворешни работи како предлагач, постапувајќи по препораките на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам (MONEYVAL), во соработка со Управата за финансиско разузнавање и со странски експерти во оваа област го изготвија предлог-текстот на Законот за рестриктивни мерки, кој би го заменил постојниот Закон за меѓународни рестриктивни мерки.

Новиот Предлог-закон ги уредува воведувањето, примената и престанокот на важење на рестриктивните мерки, надлежноста на одделни органи на државната управа, координацијата и следењето на спроведувањето на рестриктивните мерки, евиденцијата на воведените и спроведените рестриктивни мерки во Република Македонија.

Најчеста поделба на рестриктивните мерки е онаа што се врши според субјектот што ги донесува. Врз основа на овој критериум, Предлог-законот за рестриктивни мерки како  рестриктивни мерки ги смета оние што се  воведени врз основа на:

правно обврзувачките резолуции на Советот за безбедност на ООН, усвоени според Главата VII чл. 41 од  Повелбата на ООН;

– правните акти на Европската Унија;

– правните акти на други меѓународни организации во кои членува Република Македонија во согласност со меѓународното право;

– барање од надлежен орган на друга држава или

– други акти во согласност со законот.

 Во таа насока, предложениот текст на Предлог-законот содржи одредени решенија. Во Глава I од Предлог-законот се дефинирани видовите рестриктивни мерки, и тоа:   ембаргото на стоки и услуги; ембаргото на оружје; забрана за влез во Република Македонија;  финансиските мерки и други мерки во согласност со меѓународното право. Исто така се дефинирани поимите: ембарго на стоки и услуги, ембарго на оружје, забрана за влез, финансиски мерки, имот, тероризам, консолидирана листа, други мерки во согласност со меѓународното право и субјекти.

Во Глава II од Предлог-законот се дефинираат правната рамка и целокупната процедура за воведување, изменување и престанување на важење на рестриктивните мерки. Одлука за воведување, изменување и престанување на важење на рестриктивните мерки донесува Владата на Република Македонија, по предлог на надлежните органи дефинирани во член 8 од Предлог-законот. Новина во овој Предлог-закон е дефинирањето на постапката за воведување, изменување и престанување на важење на финансиските мерки против тероризам и/или пролиферација, како и органите надлежни за нивно спроведување. Значајна новина во овој Предлог-закон е што Владата на Република Македонија може да донесе одлука за воведување на финансиски рестриктивни мерки кон определени лица и врз основа на барање на трети земји.

Во Глава II  од Предлог-законот се уредува и следново:

– водење ажурирана консолидирана листа на определени лица кон кои се воведени финансиски мерки против тероризам и ширење (распространување) на оружје за масовно уништување и негово финансирање;

– се определуваат субјектите надлежни да ги спроведуваат финансиските мерки (поимот субјекти е дефиниран во член 5 точка 9 од Предлог-законот);

– се регулира правото совесни трети (bona fide) лица да може да поднесат барање за обезбедување на самостојни права врз имотот предмет на финансиските мерки пред надлежниот суд;

– се воведува обврска Агенцијата за управување со одземен имот да управува со имотот опфатен со финансиска мерка во согласност со закон;

– се регулира начинот на координација и следење на спроведувањето на рестриктивните мерки, како и водењето евиденција за воведени, односно спроведени рестриктивни мерки;

– се уредува надлежноста за вршење надзор над спроведувањето на рестриктивните мерки и друго.

Во однос на Законот за меѓународни рестриктивни мерки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36 од 23.3.2011 г.), MONEYVAL имаше неколку забелешки, особено во делот на подобрување на правната рамка преку попрецизно уредување на условите и постапката на усвојување, измена и прекин на важење на финансиските рестриктивни мерки. Неисполнувањето на овие препораки би имало негативни последици за Република Македонија, како членка на Советот на Европа и држава што е учесник во глобалната коалиција во борбата против тероризмот.

Новиот Предлог-закон ги инкорпорира најважните препораки на MONEYVAL. Негова цел е да се подобри правната рамка врз основа на препораките на Комитетот на експерти за евалуација на мерките против перење пари и финансирање тероризам (MONEYVAL) за воведување на рестриктивни мерки за финансирање на тероризам, во согласност со надворешнополитичките,  безбедносните и економските интереси и во согласност со обврските што ги има преземено Република Македонија.

М.В