/ Прочитано:

2.350

Ревизија на учебниците од дискриминаторски содржини, говор на омраза и невистинити факти

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска, денеска изјави дека најавената ревизија на учебниците ќе се спроведува исклучиво законски.

„Ревизијата нема да биде ревизија на факти, туку на невистинити факти. Некои работи што се случиле ниту јас, ниту кој било друг не може да ги брише од историјата. Со ревизијата, која ќе се спроведува исклучиво законски, ќе бидат опфатени сите учебници во кои се нотирани грешки, невистинити факти, дискриминаторски содржини и говор на омраза, предрасуди и стереотипи“, рече Дескоска, која додаде дека во понеделник ќе бидат презентирани анализите дали учебниците по Кембриџ се компатибилни со наставните планови.

Министерството за образование и наука во месец октомври најави дека подготвува измени на Законот за учебници за основно и средно образование. Со овој закон се уредува издавањето на учебниците за основното и средното образование. Под издавање на учебници се подразбира подготовка, изработка и одобрување на учебници како основно наставно средство. Учебник, во смисла на овој закон, е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование.

Целта на Законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование е зголемување на бројот на одобрените учебници за еден наставен предмет, давање можност за осовременување на одобрените учебници за употреба во основните и средните училишта, како и подобрување на самиот квалитет на учебниците.

На почетокот од учебната година, од Министерството за образование и наука нагласија и дека учениците се преоптоварени со голем број часови и во таа насока ќе има промени во учебниците и наставните планови.

M.В