/ Прочитано:

4.778

РИСТОВА: Надминувањето на нормативниот хаос во сите области на правото мора да биде дел од реформите во правосудството

Во претстојната реформа на правосудството, еден од важните аспекти е и да се надмине нормативниот хаос во сите области на правото на начин што ќе се препрочитаат и изменат законодавните решенија кои содржат нелогични и противречни одредби, смета д-р Милка Ристова, долгогодишен судија и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Тоа, вели Ристова, треба го направат личности кои го практикуваат правото и имаат согледувања за нелогични, противречни, нејасни, непрецизни законски решенија коишто создаваат големи тешкотии во примената на законите. Искусните правници можат да укажат на правните празнини во законите кои се пречка за правилната примена на законите низ практиката.

„Најважно прашање што треба да се направи е да се надмине нормативниот хаос во сите области на правото. Потоа потребно е да се преработи постапката за избор во Судскиот совет, да се спроведат чесни избори и да се предвидат контролни механизми за избор на членови на Судскиот совет. Изборот на членовите на Судскиот совет треба да се врши на седница на секој одделен суд, на која судиите задолжително ќе гласаат“, вели Ристова.

Комисијата, додава судијката, која ги спроведува изборите, треба да доделува ливчиња со имињата на пријавените кандидати. Секој судија, предлага судијката, ќе заокружи за оној за кого го дава својот глас и потоа ливчето ќе го стави во кутијата.

„По завршеното гласање, веднаш треба да се отвораат кутиите, да се сумираат резултатите, да се направи записник и се разбира, резултатите  веднаш да бидат објавени. На тој начин ќе се избегнат многуте забелешки кои иницираат недоверба и сомнеж дека извештајот за спроведените избори не одговарал на реалниот изборен процес“, посочува судијката Ристова, која, исто така, во таа насока нагласува дека треба да се одреди и мнозинството за изборот, дали од судиите што гласале или пак од вкупниот број судии.

Судијката смета дека во Стратегијата за реформи на правосудството со право се акцентира улогата на Судскиот совет во градењето на угледот на судот и донесувањето на судските одлуки. Во целост се согласувам, истакнува судијката, со оценката дека работата на Судскиот совет е недоволно транспарентна и дека тоа мора да се поправи во понатамошниот период.

„Исто така, се согласувам во дел од насоките за неговата трансформација. Сметам дека е потребно да се подигнат критериумите за избор на членови на Судскиот совет, особено во делот на она што значи истакнат правник. Воедно, сметам дека членови на Судскиот совет треба да бидат најискусните судии кои во долгата судска кариера покажале квалитет во својата работа. Член на Судскиот совет треба да биде врв на кариерата на еден судија“, нагласува Ристова, додавајќи дека зголемувањето на одговорноста на Судскиот совет, исто така, е прашање што треба да биде дел од реформите.

„Несомнено, во претстојниот период треба да се создаваат услови за промени во законската и уставната рамка за функционирање на Судскиот совет. Треба да се оди кон негова депрофесионализација бидејќи останувањето подолго време за член на Судскиот совет негативно влијае врз Советот. Се согласувам со насоката во Стратегијата за реформи на правосудството дека член на Судскиот совет треба да се биде само во еден мандат“, посочува Ристова.

Понатаму, судијката Ристова образложува дека реформите во правосудството мора да бидат на линија на враќање на довербата во судството. Разнишаната доверба во судството, посочува судијката, секогаш е резултат на мешањето на извршната во судската власт, но и на судиите кои заради лична корист дозволиле  да трпат влијанија од повисоките кругови на извршната власт.

„Тоа можеше да се забележи и преку брзото напредување во судската хиерархија на некои судии, додека пак други, со изграден судски интегритет и со изградена судиска самопочит, не напредуваа во кариерата и  останаа судии во прв степен и покрај покажаната стручност и квалитет во донесувањето на одлуките“, истакнува Ристова.

Интегритетот на еден судија, нагласува судијката, е најважниот принцип во одбрана на судиската независност и професионалност. Сериозните пропусти во доделувањето на правдата, предупредува Ристова,  доведуваат  до селективна правда.

„За судството е многу важен кадровиот аспект, од кој зависи и квалитетот на работата на судовите. Судијата кој има солидни знаења и добро го познава законот, а е неетичен, е опасен за правораздавањето, отколку судијата со просечни знаења, но со изграден етички став. Оттука, сметам дека еден морален и етичен судија, дури и со потпросечни правни знаења, е покорисен за судството, бидејќи тој е претпазлив и ќе праша, додека пак неетичниот судија кој има знаења, но е неетичен, тоа свое знаење може да го злоупотреби“, вели Ристова.

Судијката го поддржува законското решение дека за судии може да бидат избрани оние што завршиле обука во Академијата за судии и јавни обвинители. Сепак, посочува судијката, доколку јавната расправа покаже дека е потребно и адвокати, нотари, судски соработници, професори итн. да бидат судии, предлага тие да имаат можност за тоа, но откако ќе поминат низ скратена и специјализирана обука.

Судијката подвлекува дека нејзините предавања на Академијата, кои се однесуваат на етиката, ја имаат, всушност, таа цел – уште во текот на академското образование за судии, да се потенцира значењето на етиката и со проучувањето на нејзините вредности да се поттикне и да се изгради моралниот закон кај судијата, но и да се стави акцент на личните карактерни својства на судијата, како основна претпоставка за правилно судење.

„Тргнувајќи од фактот дека етиката е клучна за работата на судиите, Академијата за судии и јавни обвинители дава исклучителен акцент на ова прашање. Академијата врши континуирана обука и советувања во поглед на етиката, борбата против поткупот, корупцијата и судирот на интереси, но се разбира и во однос на сите најзначајни прашања што се однесуваат на судството и законодавството, кое  е динамично, но во голем дел и нејасно и со многу правни празнини. Исто така, Академијата посветува и големо внимание на практиката на Европскиот суд за човековите права, конвенциското право, правната аргументација во судиските одлуки и реферирањето на практиката на Стразбур“, вели  Ристова.

„Судијата при донесувањето на својата одлука не само што треба да води сметка и за судската практика на Европскиот суд за човековите права, туку треба и да ја применува како своја  обврска, секако, дури и како дел и цитирање во пресудите на конкретни одлуки на Судот во Стразбур. Судиите треба да ги следат случувањата во законодавството и да реагираат доколку сметаат дека некое решение е противуставно или неконзистентно со правниот поредок. Судиите, односно судството, исто така, имаат надлежност и можност за контролен механизам врз извршната и законодавната власт. Судиите мора да бидат она што навистина би требало да бидат во општеството, како продолжување на честа на професијата“. Тоа, вели Ристова, може и треба да се постигне само со напорна работа и посветеност кон граѓаните, владеењето на правото и правната држава, нагласува д-р Милка Ристова.

M.В