/ Прочитано:

1.181

Ристовски: Единствен критериум при доделување места во студентските домови ќе биде законскиот

Четврток, 15 август 2013 – Министерот за образование и наука Спиро Ристовски предупредува дека секаква злоупотреба при доделување места во студентските домови ќе биде санкционирана.

Сместувањето во студентските домови ја заврши  првата фаза согласно законската постапка во која апликациите ги поднесуваа студенти од втора, трета и четврта година, соопшти денеска  министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Тој информираше дека се пристигнати над 5.000 апликации за студентските места во сите студентски домови во Македонија, а од 19 август продолжува аплицирањето на бруцошите.

„Апелирам до раководството во студентските домови, до надлежните управители и комисијата што ќе селектира, а истовремено да порачам до јавноста дека оваа година максимум ќе дадеме од себе за целиот процес биде исклучително транспарентен и да се намалат сите шпекулациите за ургенции, влијанија и неправилна распределба на студентските места“, истакна Ристовски.

Единствен критериум, рече тој, ќе биде законскиот.

„Секој што ги исполнува критериумите ќе добие место во студентскиот дом, а тие што не ги исполнуваат услови нема да добијат. Доколку се констатира дека некој ја злоупотребил својата позиција ќе биде соодветно санкциониран, а не е исклучено и негово разрешување“, рече Ристовски.  

Од СДСМ реагираат, „наместо апели и повици до надлежните за фер распределба на местата во студентските домови, министерот да преземе конкретни мерки за спроведување на законска и транспарентна постапка“.

„Владата да го прекине партизирањето и на студентските домови и изборот на студентите кои имаат најголема потреба од легло во домовите да го направи со компјутерска селекција како во сите современи земји во светот“, велат оттаму.

Член 24 од Законот за студентскиот стандард

Право на сместување и исхрана во државните студентски домови имаат студентите кои се школувааат надвор од местото на живеење.

(2) Запишување и прием во државните студентски домови се врши по пат на конкурс кој го објавува Министерството во средствата за јавно информирање најдоцна до 15 јули. (3) Запишувањето и приемот на студентите во приватните студентски домови се врши по пат на конкурс, кој го објавува основачот.

(4) Конкурсите од ставовите (2) и (3) на овој член се објавуваат во средствата за јавно информирање што се издаваат на македонски јазик и во средствата за јавно информирање што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

(5) Конкурсот од ставот (2) на овој член ги содржи следниве критериуми за прием на студентот: успехот во учењето, редовноста во студирањето и семејно-материјалната положба на студентот. Во конкурсот се содржи и бројот на расположливите места, потребните документи и роковите за пријавување на конкурсот за запишување на студентите во студентските домови и рокот за сместување во студентските домови.

(6) Од бројот на расположливите места во државниот студентски дом 40% од местата се за студенти од членот 25 ставови (1) и (2) од овој закон, а 25% се за студентите кои постигнале особено висок успех во учењето.

(7) Студентите за прием во државен студентски дом поднесуваат електронска пријава, која е достапна на интернет страницата на Министерството.

>> Подетални информации може да се најдат во Правилникот за начинот на прием на студентите во државните студентски домови