/ Прочитано:

2.356

Родителските права при добивање дете од сурогат-мајка во Европа

Родителите на близнаците се хомосексуален пар Италијанци кои се венчале во САД во 2015 година поради тоа што Италија не ги признава истополовите бракови и забранува истополови двојки да посвојуваат деца. Бидејќи оваа двојка немала друг избор во врска со добивање дете и основање семејство, се одлучила за донатор на јајце-клетки и за сурогат-мајка во која биле внесени двата ембриони. Едната јајце-клетка била оплодена со сперматозоидите од едниот маж, а другата од другиот маж. Родените близнаци биолошки се полубраќа, родени на ист ден. Кога парот се вратил во Италија, властите одбиле да ги признаат децата како нивни синови и го одбиле барањето да им се даде италијанско државјанство на децата, поради што брачниот пар поднел жалба.

Близнаци

Во случај поврзан со употребата на биомедицинско потпомогнато оплодување како начин за да постигне бременост, судот утврдил дека според Законот не се во крвно сродство близнаците зачнати од јајце-клетките на една жена, а носени и родени од страна на сурогат-мајка која не е истата жена што ги донирала јајце-клетките.

Родителите на близнаците се хомосексуален пар Италијанци кои се венчале во САД во 2015 година поради тоа што Италија не ги признава истополовите бракови и забранува истополови двојки да посвојуваат деца.

Бидејќи оваа двојка немала друг избор во врска со добивање дете и основање семејство, се одлучила за донатор на јајце-клетки и за сурогат-мајка во која биле внесени двата ембриони. Едната јајце-клетка била оплодена со сперматозоидите од едниот маж, а другата од другиот маж. Родените близнаци биолошки се полубраќа, родени на ист ден. Кога парот се вратил во Италија, властите одбиле да ги признаат децата како нивни синови и го одбиле барањето да им се даде италијанско државјанство на децата, поради што брачниот пар поднел жалба.

Во понатамошната постапка, и покрај тоа што децата биле родени за машка хомосексуална двојка, при што биле користени јајце-клетки од жена донатор, а внесени во сурогат-мајка и родени од неа, што според законот во Италија е забрането, судот утврдил дека ќе биде најдобро за децата ако Италија им го признае родителското право на татковците, така што на двајцата татковци им било потврдено татковството од страна на судот.

Како што пишува веб-страницата abovethelaw.com, за двојката победата е целосна , но таа е чекор напред и за Италија како држава.

Во еден претходен случај, пред италијанските судови во 2014 година им било одбиено родителското право на двајцата родители, а детето родено од сурогат-мајка им било одземено и им било доделено на социјалните служби. Во овој случај се работело за брачна двојка во 50-тите години од животот, која не можела да има деца. Тие ѝ платиле 25 000 евра на жена од Украина за да го носи детето кое било зачнато од дониран генетски материјал. Кога се вратиле во Италија со новороденото дете , властите одбиле да го регистрираат детето како нивно и биле обвинети за измама. Тука не престанале нивните проблеми. Имено, судот дополнително детето чии генетски и сурогат-родители се непознати го прогласил за ничие дете. Јавниот обвинител тогаш дал мислење и совет детето и покрај сè да им биде доделено на родителите, но судот го одбил тоа и детето на крајот било ставено на листа за посвојување и привремено ѝ било доделено на државата да се грижи за него.

Италија не е единствената земја која го забранува сурогат-мајчинството. Поголемиот дел од државите во Западна Европа (Франција, Шпанија, Германија и др.) го забрануваат таквото оплодување, што доведува до слични случаи како оној во Италија.

Во Франција, исто така, во неколку вакви случаи им било одбиено родителското право на брачните двојки кои добиле дете од сугорат-мајка.

Во Република Македонија, според измените и дополнувањата на Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, објавени во „Службен весник на РМ” бр. 149/2014, се дефинираат поимот гестациски носител, постапката на внесување на ембрионот во матката на жена гестациски носител, родителските права и статусот на гестацискиот носител и на брачната двојка и други работи кои се поврзани со оваа постапка.

Гестациски носител, според Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, е жена на возраст од најмалку 25 години живот, сè до возраст во која е оценето дека жената е во добра психофизичка и општа здравствена состојба која овозможува здрава бременост и раѓање на здраво дете, мајка на најмалку едно дете, психофизички здрава, која носи ембрион или фетус кој бил зачнат со постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување  (БПО) со гестациски носител поведена од брачна двојка и која ќе го предаде детето на брачната двојка по неговото раѓање, но според одредбите од овој закон, нема родителски права, ниту обврски спрема детето, односно децата што ќе ги роди.

Кога не е можно користење на сопствени полови клетки на жената и/или сопствени полови клетки на мажот од брачната двојка, може да се спроведе постапка на БПО со гестациски носител во следните случаи: – со користење на донирана јајце клетка преку внесување на ембрион добиен со спојување на сперматозоид на мажот од брачната двојка која бара поведување на постапка на БПО со гестациски носител и донирана јајце-клетка, – со користење на дониран сперматозоид преку внесување на ембрион добиен со спојување на јајце-клетка на жената од брачната двојка која бара поведување на постапка на БПО со гестациски носител и дониран сперматозоид и – со користење на донирана јајце-клетка и дониран сперматозоид преку внесување на ембрион добиен со спојување на донирана јајце-клетка и дониран сперматозоид.

Пред спроведување на постапката на внесување на ембрионот во матката на жената гестациски носител, задолжително е претходно заедничко психолошко советување на брачната двојка која бара оплодување со внесување на ембрион добиен со сопствени или донирани полови клетки во матката на жена гестациски носител и на потенцијалниот гестациски носител во времетраење од три месеци, период во кој ќе се одржуваат најмалку две средби месечно.

Постапката на БПО со внесување на ембрион добиен со сопствени или донирани полови клетки на брачна двојка во матката на жената гестациски носител се поведува со доставување на писмено барање на брачната двојка до Министерството за здравство, а со претходна писмена согласност на потенцијалниот гестациски носител и лицето со кое жената потенцијален гестациски носител живее во брачна или вонбрачна заедница подолго од една година.

Измените и дополнувањата на Законот во членот 12-г ги утврдуваат правата и должностите на гестацискиот носител кој има право само еднаш да роди едно живо дете за друг и има право да поведе постапка за прекинување на бременоста во согласност со прописите за прекинување на бременоста. Гестацискиот носител има право и должност во текот на бременоста да води уреден живот, да се храни правилно и да прима додатоци на исхраната потребни за одржување на бременоста, да вежба и психофизички да се подготвува за породувањето, како и да ги избегнува штетните фактори од околината кои можат да му наштетат на плодот. Трошоците направени за исполнување на оваа должност се сметаат за материјални трошоци и нив ги надоместува брачната двојка.

Брачната двојка не смее на жената гестациски носител да ѝ даде подароци во вредност повисока од 100 евра во денарска противвредност сметано за целиот тек на постапката на БПО со гестациски носител и по породувањето, а тие и гестацискиот носител склучуваат договор со кој ги уредуваат меѓусебните права и обврски кои произлегуваат од постапката на БПО со гестациски носител, а кои се во согласност со овој закон.