/ Прочитано:

3.296

Рокот за аплицирање за земјоделски субвенции е до 15 септември

Барањата се поднесуваат по електронски пат без доставување документи, врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни. Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година, а на сите огласни табли на подрачните единици на Министерството за земјоделство, од денеска на видно место ќе биде истакнато соопштение со сите потребни информации за аплицирање.

Од денеска до 15 септември, земјоделците може да поднесуваат барања за субвенции. Министерот Љупчо Николовски соопшти дека за директната финансиска поддршка во земјоделството се издвоени вкупно 160 милиони евра, нагласувајќи притоа дека сите пречки кои го кочеа процесот се отстранети, а решен е и проблемот со софтверот за аплицирање. 

„Создадени се услови за почeток на процесот за апликација на чие деблокирање работиме од првиот ден кога дојдовме во Министерството. Во оваа насока, ги повикувам земјоделците да конкурираат за субвенции за годинашното производство“, истакна министерот.

Земјоделците може да поднесат барање по електронски пат, преку Е-барање кое е поставено на страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Министерот појасни дека оние што не се во можност сами да креираат барање, најдоцна до 30 август годинава, треба да побараат техничка поддршка од подрачната единица на Министерството за да можат да го запазат рокот за аплицирање.

„Барањата се поднесуваат по електронски пат без доставување документи, врз основа на претходно евидентирани податоци во Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни. Одгледувачите на говеда, овци, кози и пчели, пред поднесување на барањето, треба задолжително да ја проверат и по потреба да ја ажурираат состојбата на животните во ветеринарното друштво со кое имаат склучено договор. Постапката за поднесување барање за директни плаќања е иста како и претходната година, а на сите огласни табли на подрачните единици на Министерството за земјоделство, од денеска на видно место ќе биде истакнато соопштение со сите потребни информации за аплицирање“, појасни Николовски.

Освен тоа, министерот истакна дека пченицата ќе се откупува со дополнителни субвенции или интервентен откуп, но кое решение ќе биде подобро, ќе покажат  анализите на терен и разговорите со засегнатите страни.

До крајот на јули, нагласи Николовски, ќе се знаат производната и пазарната цена, кои ќе бидат главните показатели за преземање на соодветни мерки. Тој, меѓу другото, најави дека во наредните денови ќе се одржи заедничка средба со производителите и откупувачите на која ќе бидат соопштени предвидените политики.

„Се прават последните анализи на ниво на потсекторски групи. Не сакаме да шпекулираме околу цената на пченицата без соодветни истражувања“, истакна министерот Николовски.

Инаку, оваа година, како што информираше Николовски, засеани се околу 74.000 хектари лебно жито или 6.000 помалку од лани. Главната причина за намалените површини се неповолните временски услови.