/ Прочитано:

2.000

Рокови од Изборниот законик пред одржувањето на локалните избори

Изборната кампања започнува на 25 септември 2017 година во 00:00 часот, а завршува на 13 октомври 2017 година во 24:00 часот. Изборната кампања во вториот круг завршува на 27 октомври 2017 година во 24:00 часот. Резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите -најдоцна до 9 октомври 2017 година до 24:00 часот.

На 25 септември (понеделник) започнува изборната кампања за локалните избори 2017 година. ДИК минатиот месец донесе роковник во кој се прецизирани роковите според кои се спроведуваат изборите и предизборниот процес.

Изборите за членови на советите на општините и Советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и за градоначалник на градот Скопје ќе се одржат на 15 октомври 2017 година.

Политичките партии во рок од пет дена од денот на приемот на Избирачкиот список до ДИК доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци или најдоцна до 19 септември 2017 година, а ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.

Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.

Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 24 септември 2017 година, а го потпишува заклучениот Избирачки список, односно изводите од Избирачкиот список на кои се гласа, најдоцна до 29 септември 2017 година.

Што се однесува до листата на кандидати, ако некој од кандидатите кои се предложени на потврдената кандидатска листа за избор на член на совет на општината и Градот Скопје умре во периодот од денот на потврдувањето на кандидатските листи, политичката партија односно коалицијата, кои го предложиле тој кандидат, можат на негово место да предложат друг кандидат, најдоцна до 10 дена пред изборите – до 4 октомври 2017 година.

Ако некој од потврдените кандидати на кандидатска листа за избор на член на совет на општината и Градот Скопје умре во период пократок од 10 дена пред денот на одржувањето на изборите, кандидатската листа останува во сила.

Ако некој од кандидатите кои се предложени на потврдената кандидатска листа за избор на градоначалник на општината и Градот Скопје умре во периодот од денот на потврдувањето на кандидатските листи, политичката партија односно коалицијата, кои го предложиле тој кандидат, можат на негово место да предложат друг кандидат најдоцна до 10 дена пред денот на одржувањето на изборите.

Изборната кампања започнува на 25 септември 2017 година во 00:00 часот, а завршува на 13 октомври 2017 година во 24:00 часот. Изборната кампања во вториот круг завршува на 27 октомври 2017 година во 24:00 часот. Резултати од испитувањата на јавното мислење поврзани со учесниците во изборниот процес се објавуваат најдоцна пет дена пред денот определен за одржување на изборите -најдоцна до 9 октомври 2017 година до 24:00 часот.

СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИЗБОРИТЕ

Избирачот кој не е во можност да гласа на гласачкото место (немоќно или болно лице), а сака да гласа за тоа ќе ја извести ОИК (Општинската изборна комисија), односно ИКГС (Изборната комисија на Град Скопје) најдоцна 7 дена пред денот определен за гласање.

Избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, а кои сакаат да гласат, преку овластен полномошник ќе ја известат ОИК најдоцна 3 дена пред денот определен за гласање.

ДИК изборниот материјал го предава на ОИК најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите, а ОИК е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите да го предаде изборниот материјал на ИО ( избирачките одбори).

Болните и немоќните лица гласаат во своите домови еден ден пред денот определен за одржување на изборите.

Гласањето започнува во 07:00 часот и трае непрекинато до 19:00 часот на 15 октомври (недела).

Во 19:00 часот на денот на гласањето гласачките места се затвораат. На избирачите затекнати во објектот каде што се гласа им се овозможува да гласаат. Записниците и другиот изборен материјал ИО ги доставува до ОИК во рок од 5 часа по завршувањето на гласањето. Изборниот материјал до ОИК го доставува претседателот на ИО во придружба на заинтересирани членови на ИО или претставници на подносителите на листите и претставници од полицијата, ако за тоа има потреба.

ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите врз основа на податоците од записниците од ОИК, односно ИКГС во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

ОИК првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 7 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ИО и ги истакнува на огласна табла во општината и ги соопштува во јавните гласила. ИКГС  првичните резултати од изборите за членови на совет, односно градоначалник ги објавува во рок од 10 часа по завршувањето на изборите врз основа на податоците од ОИК за градот Скопје, ги истакнува на огласна табла во градот Скопје и ги соопштува во јавните гласила.

ДИК конечните резултати од изборите ги објавува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа од денот на нивната конечност. Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува за секоја општина поодделно.

Конечните резултати од изборите за членови на совет и градоначалник ОИК, односно ИКГС ги објавуваат најдоцна во рок од 24 часа од конечното завршување на изборите.

С. М.