/ Прочитано:

1.330

„РОВЕР“: Ќе се утврдува надлежност за предметот — можно е преземање од Специјалното обвинителство

Петок, 4 декември 2015 – Судењето за случајот „Ровер“ денеска беше одложено за јануари бидејќи ќе се утврдува дали за предметот ќе остане надлежно Обвинителството за организиран криминал или ќе биде преземен од Специјалното обвинителство.

На денешното рочиште за „Ровер“, поранешниот министер за внатрешни работи и четвртообвинет во случајот, Љубе Бошкоски, изјави дека поседува материјал аудио-снимка и транскрипт снимени на УСБ од кои се гледа дека случајот е монтиран. Бошкоски материјалите ги предаде на својот адвокат за да се дадат на Специјалното обвинителство. 

„Од овие материјали се гледа вистината за овој полициски политички процес познат како „Ровер“, а конструиран од еден висок функционер во полицијата. Кога материјалите ќе и бидат достапни на јавноста како со случајот „Кампања“, јавноста ќе биде шокирана од вокабуларот и од бруталноста на мојот прогон. Можев да побарам да го пуштат аудио материјалот, но тогаш ќе немаше да биде доказ. Го давам на адвокатот да го достави во Специјалното обвинителство, каде, според моите сознанија, ќе се преземе предметот“, рече Бошкоски.

Обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова соопшти дека ќе се повлече од случајот, доколку биде преземен од Специјалното обвинителство. Таа рече дека не сака да го прегледа материјалот на Бошкоски, бидејќи за тоа не е надлежна.

Раичевиќ-Вучкова предложи рочиштето да се одржи во отсуство на дел од обвинетите, но одбраната побара постапката да се прекине до конечната одлука кое обвинителство ќе го води предметот. Обвинителката истакна дека предлогот на адвокатите на Бошкоски ќе го достави и до Oбвинителството за организиран криминал, од кое таа доаѓа, за и тие да се изјаснат за надлежноста врз предметот. До одлуката за надлежноста на предметот Раичевиќ-Вучкова формално останува надлежен обвинител. По ова судскиот совет донесе одлука судењето да биде одложено за крајот на јануари до кога, како што нагласи судијата, ќе биде донесена одлуката за надлежност. 

Апелациониот суд Скопје досега два пати ја укинува првостепената пресуда за „Ровер“ поради низа пропусти и неутврдена фактичка состојба.

Со пресудата на Кривичниот суд, Предраг Чубрило, Милан Илиќ и Милорад Ковачевиќ добија казна доживотен затвор, Вук Вукичевиќ доби 15 години затвор, Бошкоски доби затвор од 10 години и шест месеци, првиот човек на обезбедувањето на Бошкоски, инспекторот Зоран Трајковски доби осум години и шест месеци, по седум добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по пет години и шест месеци Гоце Митревски и Никола Негриевски.

>> Транскрипти од „Ровер“ се предадени на специјалната обвинителка, тврди одбраната