/ Прочитано:

857

РСБСП: Зимски совети за безбедност на пешаците во сообраќајот

akad 4

Снегот, мразот и ниските температури во овој период од годината најмногу проблеми им предизвикуваат на учесниците во сообраќајот.

Иако е фокусот најчесто ставен на возачите и на возењето по снег и по замрзнати коловози, сепак Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата подготви корисни совети и за најранливата категорија учесници во сообраќајот – пешаците, кои своите дневни обврски ги извршуваат пеш движејќи се по снегот. Според статистиките, секоја година околу 1/4 од вкупниот број жртви во сообраќајот се пешаци.

Совети кои ќе помогнат за побезбедно и посигурно учество на пешаците во сообраќајот, а на возачите ќе им помогнат полесно да ги забележат на улиците:

  • Движете се по тротоарот секогаш кога е тоа можно. Доколку не сте во можност да се движите по тротоар и доколку го користите коловозот, движете се до крајниот лев раб од коловозот и следете ги возилата што ви доаѓаат од спротивната страна.
  • Секогаш преминувајте ја улицата на пешачки премин. Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно, особено во услови на намалена видливост и тоа може да влијае сериозно на вашата безбедност во сообраќајот.
  • Настојувајте секое движење да ви е внимателно испланирано и не ризикувајте со изборот на скратен пат. Пред да се решите да стапнете на улицата, имајте предвид дека на возилата им е потребно повеќе време да запрат и сопирачкиот пат е подолг од вообичаено. Не преминувајте ја улицата сѐ додека не сте сигурни дека возилата кои се движат по коловозот ве забележале и дека се во состојба безбедно да го запрат своето возило.

Освен тоа, како пешаци, за лична безбедност треба да внимавате и на следните работи:

  • Носете соодветни обувки. Чекорете бавно и сигурно со целото стапало. Соодветните обувки му овозможуваат на пешакот да чекори со целото стапало и да има добар и стабилен контакт со подлогата по која се движи. Обувките треба да се со соодветна потпора и да не се лизгаат на снег.
  • Не бркајте го зеленото светло за пешаци или автобусот, бидете трпеливи и сигурни во тоа што го правите.
  • Избегнувајте да носите торби и други предмети кои ја нарушуваат вашата рамнотежа. Никогаш не движете се со рацете в џеб.
  • Пешачките премини можат да бидат доста опасни и при самото разминување на пешаците. Внимавајте каде чекорите. Гледајте пред себе и пропуштете го пешакот кој ви доаѓа од спротива. Не заборавајте, љубезното однесување во сообраќајот е дел од убавите манири на секој човек.
  • При преминување на улицата немојте да застанувате помеѓу двете коловозни ленти затоа што возачите не ве очекуваат таму и можете да бидете удрени од возило кое се движи по влажен и лизгав коловоз.
  • Бидете особено внимателни кога се качувате во автобус или кога излегувате од автобус или автомобил, или кога се движите помеѓу паркирани возила и кога излегувате на улица.
  • Носете светла облека со рефлектирачки додатоци особено во рани зори и приквечер. Додадете рефлектирачки налепници на јакните или на торбите. Бидете видливи и безбедни во сообраќајот.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, покрај овие совети, апелира до пешаците и за максимално одговорно учество во сообраќајот. Внимателно учество во сообраќајот не е грижа само на возачите. Секој од нас има обврска да се грижи за својата безбедност и да даде личен придонесен за непречено одвивање на сообраќајот.