/ Прочитано:

900

Рускиот опозиционер Навални познат како борец против корупција е осуден за проневера

Четврток, 18 јули 2013 – Судот во Киров, Русија го осуди опозиционерот Алексеј Навални за нелегално присвојување на дрва во вредност од 500.000 долари,  од компанијата за дрвена граѓа „Кировлес“, во 2009 година, кога бил советник на гувернерот на областа Киров.

Адвокатот и блогер Алексеј Навални е прогласен за виновен по обвинението дека проневерил 500.000 долари од компанијата за дрвена граѓа „Кировлес“ додека работел како советник на гувернерот во 2009 година. Обвинителството за Навални побара казна затвор од шест години. Судијата Сергеј Блинов се очекува да ја соопшти казната во текот на денов.

Тој во текот на судскиот процес, ги отфрли обвинувањата како политички мотивирани.

Против Навални, кој во Русија  е познат како борец против корупцијата, се водат неколку судски постапки. Како блогер тој стана познат со своите критички ставови за работењето на руските големи концерни. Преку светските медиуми стана познат за време на протестите против парламентарни избори во Русија, во декември 2011 година. Тој беше и еден од организаторите на масовните протести против рускиот претседател Владимир Путин што се одржаа минатата година.

Инаку, Навални вчера доби дозвола да настапи како кандидат на изборите за градоначалник на Москва. Претходно, тој изјави дека има намера да го собори од власт актуелниот претседател, Владимир Путин. Навални би можел да влезе во кампањата како кандидат за локалните избори, само ако биде ослободен од обвиненија.