/ Прочитано:

4.304

Сашо Василевски предложен за член на Советот на јавните обвинители

Петок, 27 ноември 2015 – Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата го предложи Сашо Василевски за член на Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

Во биографијата на Сашо Василевски стои дека дипломирал на Правниот Факултет во Скопје во 1992 година, а правосуден испит положил во 1996 година. Во 2000-та година го положил и нотарскиот испит, а од 1997 до 2006 година работел како адвокат со своја адвокатска канцеларија со седиште Ресен.

Од 2006 до 2008 бил заменик на министерот во Министерството  за правда на Република Македонија. Од 2008 до 2010 година бил член во Комисијата за полагање на правосуден испит. Од 2010 до 2011  повторно работел како адвокат во Ресен. Од 2011 до 2015 година бил член на Советот на јавните обвинители, за кое место повторно е предложен од страна на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.

Во согласност со Законот за советот на јавни обвинители на Република Македонија, членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија се избираат од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници.

Како што се пропишува во Законот за советот на јавни обвинители на Република Македонија, Советот на јавните обвинители на Република Македонија е самостоен орган кој ја обезбедува и гарантира самостојноста на јавните обвинители во извршување на нивната функција.

Советот е составен од 11 члена, од кои:

– по функција член на Советот е јавниот обвинител на Република Македонија,

– еден член на Советот  избираат јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија, од своите редови,

– по еден член на Советот избираат јавните обвинители од подрачјата на вишите јавни обвинителства Битола, Гостивар, Скопје и Штип, од своите редови,

– еден член на Советот припадник на заедница која не е мнозинство во Република  Македонија,  го  избираат  сите  јавни  обвинители  во  Република  Македонија,  од  своите редови и

– четворица членови на Советот ги избира Собранието на Република Македонија од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници, од кои  двајца се припадници на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Мандатот на избраните членови на Советот трае четири години со право на уште еден избор.

Членовите на Советот што ги избира Собранието на Република Македонија се избираат од редот на универзитетски професори по право, адвокати и други истакнати правници.

Како што законски се регулира постапката за избор, седницата на Собранието на Република Македонија на која се избираат овие членовите е итна и се одржува во рок од најмногу 30 дена од денот на изборот за членови на Советот што се избираат од страна на јавните обвинители.

Совет на јавни обвинители на РМ

M.В / veljanoskim@akademik.mk