/ Прочитано:

931

СДСМ поднесе кривична пријава против Груевски

Вторник, 22 април 2014 – СДСМ денеска поднесува кривична пријава против премиерот Никола Груевски, информира на денешната прес-конференција, партискиот лидер Зоран Заев.

„Груевски со побараниот и примениот милионски кеш во случајот Македонска банка направил три тешки кривични дела, противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок“, рече Заев.

Тој рече дека пријавата ја поднесуваат до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а со неа како доказен материјал е доставена и аудио снимката која ја објави во јавноста. 

Според Заев, на аудио снимката постои разговор за сомнителна зделка за продажбата на Македонска банка во кој учествува и Груевски.

Претходно, адвокатот Никола Додевски, во својство на полномошник на премиерот Никола Груевски, најостро ги демантираше ваквите тврдења и упати барање до медиумите за објавување на демант на изјавите на Зоран Заев, најавувајќи дека против него ќе се поднесе тужба за клевета и надомест на штета.

Денес, за обвинувањата изнесени од страна на Зоран Заев, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска рече дека е најавена тужба за клевета и дека Заев ќе добие можност да ја докажува автентичноста на аудио-снимката во судска постапка.