/ Прочитано:

1.099

Се иницираат измени на прописите од областа на комуналните дејности

„Измени на законските прописи што го регулираат  вработувањето работници во комуналните претпријатија на локално и на државно ниво, интервенција во Законот за јавни набавки и активно вклучување во изработка на новиот Закон за управување со отпад се активностите на кои приоритетно ќе работи Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија во следниот период“,  истакна Даниела Михајловска-Василевска на денешната прес-конференција.

Звонко Јованоски, претседател на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, информираше дека Здружението ќе иницира измени и дополнувања на прописите за вработување во комуналните претпријатија бидејќи постојните закони го отежнуваат вработувањето во еден дел, пред сè, при ангажирање сезонски работници, но и во други услови кога е потребно да се направат одредени поместувања поради работните активности на одредени работни позиции во компаниите.

„Ќе се бара и средба во Министерството за информатичко општество со цел да се предочат проблемите со кои се соочуваат вработените во комуналните претпријатија во согласност со нивното евидентирање како јавна администрација по Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор. Во моментов  дел од вработените се ангажираат и по трет закон – Законот за работни односи. Истовремено, Здружението ќе се вклучи во активностите околу донесувањето на новиот Закон за управување со отпад, кој е во почетна фаза и, во согласност со укажувањата на  Министерството за животна средина, треба да се донесе до октомври годинава. Здружението има забелешки и на постојниот Закон за јавни набавки, во согласност со кој се отежнуваат голем дел од тековните работи на комуналните претпријатија. Проблемот е во понудената најниска цена, која не соодветствува со квалитетот, како и во лимитот од 500 евра, во согласност со кој може да се вршат интервентни набавки, што е многу мал износ“, образложи Јованоски.

Здружението на комуналните дејности минатата недела имаше изборна седница на која се избраа нов претседател и двајца заменици-претседатели, а беа избрани нов претседател и двајца заменици-претседатели и на Групацијата на пазарите во рамките на Здружението на комуналните дејности.

Во таа насока, на денешната прес-конференција претседателот на Групацијата на пазарите, Звонко Стојчев, информираше дека Групацијата дава поддршка и се  согласува со донесениот Закон за трговија на зелени пазари, имајќи  предвид дека ова законско решение е иницирано токму од Групацијата уште пред 10 години.

Законот, пред сè, ќе ја регулира позицијата на закупците на тезги на пазарите, а ќе ги дефинира и условите за работа на самите организатори на пазари, а предвидува оваа дејност да може да ја вршат трговци регистрирани во согласност со Законот за трговски друштва, со нивни средства и имот.

Во делот на идните активности, Групацијата на пазарите ќе работи на носење стратегија за пазарите преку која можностите за преземање чекори во насока на нови вложувања, аплицирање за средства преку ЕУ-фондови и други облици на поддршка ќе бидат многу пореални во насока на модернизација на пазарите.

М.В