/ Прочитано:

5.339

Се основаше Здружение за декриминализација на канабисот

„Поздравувајќи ја позитивната клима, како и позитивните законски измени во Законот за опојни дроги со кои се овозможува употреба на канабис во медицински цели, како и уважувајќи ги позитивните промени, како во законските одредби, така и во менталитетот на институциите, на ден 13.4.2017 група седум граѓани основаа Здружение за декриминализација на канабис ‘БИЛКА – Скопје’“, велат од Здружението.

Како непрофитна организација, истакнуваат од Здружението за декриминализација на канабисот, се залагаме за целосно декриминализирање на канабисот, како во медицински, така и во рекреативни цели и цврсто се залагаме за заштита и унапредување на животната средина.

„Во таа насока, во наредниот период интензивно ќе се работи на подигнување на свеста во општеството за позитивните импликации и придобивки од канабисот, организирање научни конференции и работилници од областите на интерес, активна соработка со другите здруженија и организации кои имаат исти или слични цели и подигнување на свеста за потребата од заштита на животната средина“, истакнуваат од Здружението за декриминализација на канабисот „БИЛКА“.

„Нотирајќи ја потребата од менување на институционализираниот генерално негативен став на надлежните институции, Здружението за декриминализација на канабис ќе соработува со сите владини институции и тела кои се надлежни по прашањата кои се од интерес за работата на Здружението ‘БИЛКА – Скопје’. ‘БИЛКА – Скопје’ изразува надеж дека со својата работа ќе поттикне и ќе помогне да се реализира една од основните цели на здружението – генерална декриминализација на канабисот, како и надеж дека со својата работа ќе влијае врз надлежните институции да алоцираат доволно ресурси во борбата за заштита и унапредување на животната средина, што претставува уставно загарантирано право на граѓаните, како такво инкорпорирано во член 43 од Уставот на Република Македонија“, велат од Здружението.

M.В