/ Прочитано:

1.496

Сè почесто работиме под внатрешен притисок и со чувство на вина: современиот „работохолизам“ го демне деловниот свет

Модерното деловно окружување бара зголемена посветеност во работата од поединецот. Фиксното работно време, без оглед дали е дел од работната култура на нацијата, често се пречекорува за да се завршат зададените обврски, а некои и свесно остануваат до доцните вечерни часови. Сè пораспространетата зависност од прекумерно работење, т.н. „работохолизам“, дури и во културите што го величаат вредното работење, како што е американската, носи негативни последици и за вработените и за работодавците, се вели во најновата студија на група истражувачи под раководство на Малиса Клар од Универзитетот во Џорџија, САД. Прашањата што си ги поставиле стручњаците при подробното истражување на човековата зависност од работењето се: „Што ги предизвикува луѓето да се наклонуваат кон прекумерна работа и дали работохолизмот може да се спореди со други форми на зависност?“

Поимот „работохолизам“, слободен превод на изворниот назив workaholism, во науката го воведе американскиот психолог Вејн Оутс во 1971 година, со намера да ја опише состојбата во која е потребата на едно лице за работа толку голема што му создава пречки во здравјето, во среќата, во односите со другите луѓе и во социјалното живеење. Иако нема општа согласност кај упатените во проблематиката во врска со тоа дали треба да се конципира како психичка зависност, некои истражувачи одат дотаму што го нарекуваат работохолизмот ‘позитивна зависност’. Ова разногласие во научната реторика покажало потреба од детална квантитативна анализа на феноменот, вели Малиса Клар, експерт по индустриска и по организациска психологија на Универзитетот во Џорџија, САД. Во своето истражување, групата дошла до наодот дека зависноста од прекумерно работење негативно влијае врз засегнатиот и врз лицата во неговото окружување:

„Моите претходни истражувања покажаа дека работохоличарите ги следат многубројни негативни чувства, како на работното место, така и дома. Слично на некои други видови зависност, работохоличарите доживуваат силен полет додека работат, но набрзо потоа крахираат под напливот на чувства на вина и на напнатост. Ако се погледне кон нештата што ги мотивираат за толку обемно работење, се чини оти работохоличарите не работат нужно бидејќи така сакаат, ами зашто чувствуваат извесен притисок однатре. Притоа, правиме јасна разлика меѓу начините на коишто се канализира мотивацијата за работа. На едната страна е поттикот за работа што се раѓа од внатрешен притисок, на кој му претстои чувството на вина ако не се работи. Тоа е ‘себеприсилување’. На другата, пак, е свесната волја за работа, што значи дека индивидуата го сака она што го работи и секој ден со задоволство ги понесува зададените обврски. Тоа е ‘себеангажирање’“, вели Клар.

Додека унапредувањето и ширењето на културата на прекумерно работење во Америка, но и на други места низ светот, често се гледаат како начин за искачување кон врвот на кариерата, не можат да се превидат големиот број негативни последици што произлегуваат од оваа практика.

Наодите од квантитативната анализа покажуваат дека работохолизмот, иако нема директна врска со степенот на извршена работа, оди рака под рака со стресот на работното место, со конфликтот меѓу професионалниот и приватниот живот, како и со нарушено општо здравје, т.е. со послаби нерви. Сето ова укажува дека лицата, коишто под внатрешен притисок се оддаваат на прекумерно работење, не се продуктивни на работното место. Стручњаците не увиделе поврзаност меѓу работохолизмот и некои надворешни фактори, како што се паричен бонус или зголемена работна ефикасност. Напротив, состојбата цврсто се врзува со перфекционизмот.

„Занимливо е тоа што просечното работно време на Американците и натаму се зголемува, а младото поколение покажува поголем интерес за одржување рамнотежа меѓу работата и семејството од постарите генерации. Како што влегуваат младите генерации на пазарот на трудот и со ваков став се искачуваат сè погоре и погоре во своите компании, се надевам, во иднина ќе сведочиме за што поголем број компании што повеќе ја вреднуваат културата на семејството отколку културата на работохолизмот. Еднакво интересно, увидовме дека во анализираните примероци со поголема застапеност на жените, врската меѓу возраста и работохолизмот е позитивна. Тоа значи: поголема е веројатноста дека постарите жени се поголеми работохоличари од помладите жени. Кај мажите, пак, е обратно: постарите мажи покажуваат помала наклонетост кон работохолизмот од помладите мажи“, завршува Клар.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 25.12.2014