/ Прочитано:

1.365

Се подготвува Закон за утврдување на цена на водните услуги – цените биле премногу ниски

Вторник, 17 март 2015 – Министерство за животна средина и просторно планирање подготвува Закон за утврдување на цената на водните услуги.

Цената на користењето на водата и цената на собирање и пречистувањето на урбаните отпадни води, објаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, се уредени со Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води, како и со Методологијата за утврдување на цената на водата за пиење и одведување на урбани отпадни води.

„Цените на водоводните услуги треба да се определуваат во согласност со Методологијата, а ги донесуваат советите на општините, врз основа на предлог на градоначалникот и на Јавните комунални претпријатија (ЈКП). Сепак, практиката во РМ покажа дека цените најчесто се премногу ниски и не се во согласност со Методологијата, што се должи на фактот дека не постои законска основа со која Методологијата е задолжителна за примена, како и дека ниту еден субјект не врши контрола во однос на определувањето на цената на водоводната услуга“, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека носењето на новиот закон ќе биде во функција на воспоставување на финансиски самоодржлив систем на водни услуги.

„Со него ќе се обезбедува висок стандард на дадените услуги, со пристапна цена за населението во согласност со целите на Националната стратегија за води на Република Македонија и со плановите за управување со подрачјето на речен слив“, додаваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

M.В