/ Прочитано:

2.402

Се укинува плаќањето придонеси за хонорари

Среда, 29 јули 2015 – Од 1 август се укинува законската обврска за плаќање придонеси за хонорарците, соопшти денеска министерот за финансии, Зоран Ставрески.

Од Министерството за финансии на службената веб-страница информираат дека придонесите за хонорарците се укинуваат од 1 август 2015 година.

„Ваквото решение Владата го предложи откако анализите покажаа дека неколку мерки што ги спроведе во меѓувреме ги исцрпеа ефектите што се сакаа да се постигнат“, велат од Министерството за финансии.

Во предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој се наоѓа во собраниска процедура, се пропишува дека точките 17, 18 и 19 се бришат. Во овие точки е утврден „бруто надоместок утврден во договор за дело или друг договор“, „бруто надоместок утврден во авторски договор“ и  „Друг договор“.

Законски измени за укинување на обврската за плаќање придонеси 

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска информираше дека законските измени за укинување на обврската за плаќање придонеси за здравствено и пензиско осигурување за договорите на дело, за авторските договори и за слични договори се донесени на седница на Владата. ­

„Измената што се предлага, односно укинувањето на плаќањето на придонесите за договорите на дело и авторските договори или популарно наречените хонорарци, се прави од причина што со неколку други мерки на Владата се исцрпеа ефектите што сакавме да ги постигнеме. Во последните три месеци се реализираше и проектот „Македонија вработува“ кој овозможува ослободување во период од една до пет години од плаќањето на придонеси на лица што ќе бидат вработени од страна на приватниот сектор и со тоа практично околу 4.000 лица во РМ веќе имаат стекнато статус на редовен работен однос и за нив се плаќаат придонесите и за пензиско и за здравствено осигурување“, појасни министерот Ставрески.

Тој посочи дека вториот проект кој, исто така, реши добар дел од проблемот на лицата што порано беа ангажирани со договор на дело и со авторски договори е во сегментот на трансформација на работниот однос во рамки на јавниот сектор.

Со ова, како што рече, на лицата што беа ангажирани долги години со договори на дело и со слични други договори им се трансформираше работниот однос во редовен работен однос и со тоа на тие лица сега им се плаќаат придонеси и за пензиско и за здравствено осигурување, што значи кај тие лица е решено прашањето на користење на услугите и унапредување на работничките права.

„Во пресрет на барањата кои беа изразени во јавноста“

Според Ставрески, со ова решение Владата излегува во пресрет и на барањата кои беа изразени во јавноста бидејќи, како што рече, нивната намера била да помогнат во делот на регулирање на правата од работен однос и исто така да овозможат сите лица да имаат рамноправен статус.

„Сепак, во јавноста се создаде слика дека постојат други причини поради кои се прави, како полнење на буџетот“, рече тој.

„Со оваа мерка, со укинувањето на придонесите, докажуваме дека тоа не беше случај бидејќи. од друга страна, на начинот како функционираше тоа, приходите не беа толку значајни за буџетот. Сакам да кажам дека се работи за износ на средства кои на годишно ниво се околу 220 до 250 милиони денари, што покажува дека немаше никаква намера и дека имавме право дека целта не е да се добијат дополнителни приходи во буџетот или во фондовите, туку целта е едноставно да им се помогне на луѓето кои дотогаш беа регистрирани како лица кои имаат договор на дело или авторски договор и немаат никакви уплати на придонеси во фондовите за пензиско и за здравствено осигурување и според тоа ги немаат тие права што ги нудат уплатите на придонесите“, истакна министерот.

Според Ставрески, обврската за уплата на придонеси била креирана во функција лицата што имаат договори на дело, авторски договори и други слични договори да можат да плаќаат придонеси и со тоа да ги имаат решено прашањата на користење на услугите во здравствениот систем и кога ќе дојде време за пензионирање, исто така, со уплатата на придонесите да имаат можност и да добијат пензија, но и да се зголеми нивото на пензијата.

„Генерално сметам дека овој закон, со кој се воведе обврска за плаќање придонеси, постави правична основа за лицата, од една страна, да можат да ги реализираат своите права, а од друга страна да бидат рамноправно третирани како лицата во работен однос“, рече Ставрески.

Професорите по трудово и облигационо право предупредуваа

Идејата за плаќање придонеси за хонорарците не наиде на позитивен одек во јавноста. Експертите по трудово и облигационо право коментираа дека решенијата се суштински и номотехнички дискутабилни и проблематични, а во праксата ќе создадат стимулација на „работа на црно“.

„Новите придонеси за хонорарите се дестимулирачки и казнувачки за најкреативните поединци во општеството, а тоа е спротивно на уставните определби за поттикнување на творештвото. Слободата на договарањето е света работа, а високите казни ги занемаруваат принципите на едукативна и поправна функција на казните“, беа дел од коментарите на академската заедница.

Серија протести во државата

Обврската за плаќање придонеси за хонорарите предизвика и серија протести во државата. Хонорарците бараа повлекување на законските решенија со кои се воведува плаќање придонеси за хонорарите. Велеа дека законските измени за плаќање придонеси за хонорарите се поигрување со човечките судбини.

Со пароли „Не за државен рекет 35 отсто“, „Си играте со човечки судбини“, „Измените се анестезија, придонесите – ампутација“, „Измените на наш грб, а во ваша корист“, „Лебот ни го земате“, „Не сте свесни, и ние сме бесни“ и со извикувања „Ајдуци, лопови“, „Социјална правда” и „Заедно сме посилни”, хонорарците постојано го искажуваа своето незадоволство, од како што нагласуваа, дискриминаторскиот и неуставен закон.

Трудово-облигациони дилеми за хонорарците: Новите законски измени ќе стимулираат „квази-работни“ односи

„Уставот го поттикнува творештвото, а најкреативните поединци ќе се казнуваат со придонеси за хонорари“ – ВАЛЕНТИН ПЕПЕЉУГОСКИ, адвокат и професор

(ФОТО) „НЕ ЖИВЕЕМЕ, ПРЕЖИВУВАМЕ“ – Хонорарците денеска повторно излегоа на протест М.В