/ Прочитано:

3.207

СЕ ВОВЕДУВА ПРОБАЦИСКАТА СЛУЖБА: Законот за пробација и измените на КЗ пред пратениците

Пробациската служба станува реалност во Македонија. Долгонајавуваниот Закон за пробација кој предвидува воведување на куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа, условен отпуст е на прво читање во Собрание. Паралелно во собраниска процедура се и измените на Кривичниот законик со кои се создаваат предуслови за функцинирање на пробацискиот систем преку измени и дополнувања на некои од кривичните дела.

Алтернативни начини на казнување на сторителите на кривични дела на слобода

Двете законски решенија се дел од реформата на казнено-правниот систем на Република Македонија со која се предвидува воспоставување на систем на пробација во државата, со што ќе се овозможи практична имплементација на алтернативните начини на казнување на сторителите на кривични дела на слобода (во заедницата). Содржината на клучните новините во Законот за пробација, како дел од стратегијата за реформи во казнено-правниот систем беа најавени и елаборирани од Управата за извршување на санкциите минатата година, а за текстот на Законот беше дебатирано и на јавната дебата посветена на востановување на системот на пробација во земјава, која се одржа кон средината на оваа година.

Законот за пробација е предвидено да почне да се применува во ноември 2016 година. Целта е преку воспоставување на рамка на еден ефективен систем на санкции во рамките на заедницата и заштитни механизми кои што ќе бидат прифатени од страна на заедницата да се обезбедат краткотрајни и долготрајни придобивки за општеството кои што ќе бидат пропорционални со стапката на криминал и ќе ги почитуваат човековите права на сите засегнати страни, а со што ќе се придонесе за зајакнување на безбедноста во општеството.

Што се предвидува во предложениот Закон за пробација?

„Со Законот за пробација ќе се дефинираат надлежностите на пробациската служба и начинот на реализација на активностите на оваа служба, со внимателно утврдени правила за менаџирање и управување, што ќе овозможи авторитет на пробациските службеници што во крајна линија ќе ја зголеми довербата на судиите почесто да изрекуваат  алтернативни санкции и мерки.

Основен принцип на овој закон е градењето на нов концепт и реален пристап во казнената политика која претставува основа на борбата против криминалот, придонесува да се развиваат верификувани критериуми за одмерување на индивидализирани санкции врз осудените лица поаѓајќи од природата на деликтот како основа за применување на санкции, од видот и обликот на казнената одговорност, личноста на осуденото лице и потребите/интересите на заедницата. Овие критериуми како општи и глобални во меѓусебен однос треба да обезбедат остварување на делотворна и целесообразна казнена политика“, се наведува во текстот кон Законот.

Пробацијата треба да придонесе да се намали репресијата спрема сторителите на казнени дела преку рестриктивна примена на казната затвор, оставајќи ги осудените лица на слобода, пренесувајќи дел од одговорноста на општеството и неговите институции на пробационите служби и институции, на социјалните органи и служби и зголемувајќи го личното учество и зголемувајќи ја личната одговорност на осуденото лице за неговото општествено поведение спрема општествената заедница и останатите граѓани.

Сектор за пробација во рамки на Управата за извршување на санции

Пробациските работи ќе ги извршуваат пробациски службеници од Управата за извршување на санкциите врз основа на барање или одлука на суд во тек на судската постапка и на правосилна и извршна судска одлука, а врз основа на претходна согласност на лицето спрема кое се извршуваат пробациските работи. Во рамки на Управата, согласно законот, ќе се организира Сектор за пробација како организациона единица на Управата на централно ниво и канцеларии на подрачјето на основните судови со проширена надлежност на локално ниво.

Во извршување на пробациските работи органите на државната власт, научни и други установи, органи на локалната самоуправа и други институции или правни лица се должни да соработуваат и да ги даваат потребните информации за лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи на Управата, без надомест.

Пробациските службеници, кои ќе имаат посебни службени легитамиции, ќе ги вршат следните надлежности: изработка на извештаи за извршена проценка на ризик на обвинети лица, во текот на судска постапка, во согласност со закон; вршење на заштитен надзор изречен со условна осуда или условен отпуст; организирање и надзор над извршувањето на општокорисна работа; изработка на писмени извештаи за однесувањето на осуденото лице во текот на издржувањето на казната за казнено-поправни установи  вршење надзор со употреба на електронски алатки согласно закон и други работи кои се од значење за извршувањето  на алтернативните мерки и обврски.

Заштитен надзор изречен со условна осуда

При извршувањето на заштитен надзор изречен со условна осуда надлежната пробациска канцеларија го повикува условно осуденото лице на разговори во текот на времето за проверување; определува термини во кои во текот на времето на проверување условно осуденото лице е должно да се пријавува во месно надлежната пробациска канцеларија; врши контрола над извршувањето на условната осуда со заштитен надзор и му пружа помош на условно осуденото лице; врши увид во документацијата за условно осудено лице, составува извештаи за извршувањето на условната осуда со заштитен надзор и истите ги доставува до судот кој ја донел одлуката во прв степен. Во случај на отповикување на условната осуда со заштитен надзор до казнено-поправна установа каде што  лицето е упатено на издржување на казната затвор,  доставува извештај за преземените активности во текот на извршувањето на условната осуда и однесувањето на осуденото лице во текот на времето за проверување.

Општокорисната работа

Општокорисната работа се извршува во: државни органи, јавни претпријатија, установи, единици на локална самоуправа, хуманитарни организации и во други субјектикои вршат дејност во која може да се оствари целта на извршувањето на општокорисната работа. При извршување на општокорисната работа на осуденото лице треба да му бидат обезбедени соодветни услови за работа, почитување на работното време, одмор во текот на работата, дневен и неделен одмор, како и заштита при работа во согласност со општите прописи за заштита при работа, но нема право на надомест. Изборот на правниот субјект кај кој што осуденото лице ќе ја извршува општокорисната работа го врши пробацискиот службеник. Дејствијата што треба да ги преземе пробациската служба спрема осуденото лице се исти како и кај надзорот изречен со условна осуда.

Куќен затвор

Опремата за електронски надзор на лицата кои издржуваат куќен затвор ја поставува пробациски службеник кој  ги дава потребните упатства за нејзино користење. Управата управува со опремата со која се следи движењето на осудениот и неговата местоположба во просторот. Осуденото не смее да ги напушти просториите на своето живеалиште, освен во случаите определени законот: пружање на нужна медицинска помош на осуденото лице, јавување на покана од државен орган, полагање на испити и сл.

Со Законот за пробација се уредува и условниот отпуст, односно предвремено отпуштање на осуденото лице од издржување на казната затвор, предвидено и во актуелниот Закон за извршување на санкциите.

Гавриловска: „Кривичниот законик од 2004 година се покажа како нефункционален во пракса

Целта на новите измени на Кривичниот законик соодејствува со целите на новиот Закон за пробација. Како што се образложува во предложените измени, новините во Кривичниот законик во тој контекст, ќе создадат предуслови за функционирање на новиот систем на пробација. Од Министерството за правда велат дека предложените измени и дополнувања содржани во Кривичниот законик се произлени од потребата за усогласување на  новиот Закон за пробација со Кривичниот законик.

Во врска со донесувањето на Законот за пробација и неговата функционална поврзаност со Кривичниот законик, Директорката на Управата за извршување на санкции на почетокот од процесот на подготоввки на законскоторешение за пробацијата  образложи дека системот за извршување на алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик од 2004 година се покажал како нефункционален во пракса и од тие причини потребен е посебен закон, кој понатаму треба да се усогласи со Кривичниот законик.

Измени во Кривичниот законик

Во таа насока, во предложените измени, а во насока на усогласување со Законот за Пробација,  се предлага надлежноста на извршувањето на алтернативните мерки и условниот отпуст од социјалниот орган  да преминат на „надлежен орган согласно закон“. Исто така, се предлага измена во случај на неуредно исполнување или неисполнување на работните обврски од страна на осудените лица, наместо зголемување на бројот на часовите или продолжување на мерката општокорисна работа, неизвршениот дел од општокорисната работа да биде заменета со парична казна или казна затвор.

Според измените, за времето додека трае условната осуда со заштитниот надзор судот може по предлог на надлежен орган согласно закон, да ја замени определената обврска со друга, да го продолжи траењето на заштитниот надзор во рамките на времето за проверување или да го запре натамошното извршување на заштитниот надзор.

„Ако условно осудениот не ги исполнува одредените обврски, надлежниот орган согласно закон писмено го опоменува за исполнување на одредената обврска. Ако осудениот и по писмената опомена не ја исполнува одредената обврска, судот врз основа на предлог од надлежниот орган согласно закон, ја отповикува условната осуда“, се пропишува во предложените измени, одноцно во членот 5 кој се однесува на членот 58.

Во новите измени се брише дел од одредбата во која се пропишува дека мерката за општокорисна работа осудениот ќе ја одработи за време на “државни празници, саботни и неделни денови“. Се пропишува дека ако осудениот не ги исполнува или неуредно ги исполнува своите работни обврски, надлежниот орган согласно закон писмено го опоменува, а ако тој продолжи со таквото однесување судот по предлог на надлежниот орган согласно закон ќе го замени неизвршениот дел од мерката со парична казна или казна затвор, така што за секои три часа општокорисна работа се засметува една дневна глоба или еден ден затвор. При одлучувањето за замената со парична казна или казна затвор судот ќе се раководи од тежината на делото, степенот на кривичната одговорност и односот на осудениот кон изречената мерка на општокорисна работа.

„Ако сторителот на кривичното дело за кое е пропишана парична казна или казна затвор до пет години е стар и изнемоштен, тешко болен или е бремена жена, ако судот му изрече казна затвор до 3 години, истовремено може да одлучи со негова согласност казната да ја издржува во куќен затвор“, се вели во член 7 од предложените измени, кои се однесуваат на член 59-а од Крвивичниот законик.

 Службата за пробација – практика во многу правни системи

„Воспоставувањето на пробациски систем во државата е од исклучително значење. Со цел справување со проблемот на казнување во контекст на сложеното и комплексно современо општество јасно е дека борбата против вршењето на кривични дела не може да се потпира само и исклучиво на затворањето односно на затворските казни. Кривично – правниот систем мора постојано да бара нови идеи и решенија преку збогатување на системот на санкции и начините на кои што тие се изршуваат и посебно преку интернационалните широко прифатени алтернативни мерки кои што се развиени и испорачани од страна на пробациската служба. Развојот и примената на санкции во рамките на заедницата кои што се менаџирани од страна на посебна специјализирана служба за пробација се надалеку најмногу раширени и најважни во многу национални правни системи“, истакна Лидија Гавриловска, директор на Управата за извршување на санкции, во врска со потребата од воведувањето на пробациската служба во Македонија.

На дебатата посветена на Нацрт-законот за пробација, заменик-министерката за правда, Билјана Бришковска-Бошковски, системот за извршување на алтернативни мерки, воспоставен со Кривичниот законик од 2004 година, се покажал како нефункционален во пракса и со имплементирање на овој проект ќе се создаде функционална и ефикасна пробациска служба по примерот на повеќе европски држави.

Покрај воспоставувањето на пробациската служба особено е значајно кој може да биде пробациски службеник во Македонија, бидејќи во основата се лицата коишто ќе работат во таа пробациска служба, односно нивните стручни квалификации и нивниот морален интегритет. Особено внимание треба да посветиме на самите капацитетите во рамките на таа пробациска служба, односно, од почетокот треба да се воспостават процедури коишто ќе значат избор на пробациски офицери“, потенцира Бришковска-Бошковски.

 Адвокатот и главен правен експерт на проектoт, Јордан Апостолски, смета дека Законот за пробација е услов без кој Македонија не може да има успешен  кривично-правен систем во согласност со новиот ЗКП.

 „За да може да функционира тој систем,  conditio sine qua non  е да се донесе Законот за пробација и не само да се растоварат затворите, туку и на судиите да им се овозможат разни алатки за успешна примена, особено за намалување на употребата на мерката притвор со изрекување на куќен притвор за електронска алка, но и воведување на почестата употреба на условната осуда со заштитен надзор. Значи, со надзорот, обвинетите ќе треба да се јавуваат често на пробацискиот службеник, ќе треба, доколку е потребно, да одат на лекување доколку се зависници од некои наркотични супстанци или од алкохол, така што сметаме дека ова ќе биде многу позитивна реформа во законодавството“, вели тој.

Куќен затвор, условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа… – што предвидува НАЦРТ-ЗАКОНОТ ЗА ПРОБАЦИЈА

ПРОБАЦИСКА СЛУЖБА: Електронски алки за лицата со изречена казна куќен затвор или мерка притвор  Е.П/М.В / akademik@akademik.mk 12.11.2015