/ Прочитано:

1.642

„Се забранува влез на лица со возраст под 18 години“ во обложувалници и казина

Четврток, 4 декемри 2014 – Во согласност со постојната законска регулатива, лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа. Приредувачот на играта на среќа е должен да го оневозможи учеството на лица помлади од 18 години, како и влез во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа. За таа цел потребно е да постави задолжителен натпис на влезната врата. Ова го предвидуваат најновите измени на Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.

„Се забранува влез на лица со возраст под 18 години“

Според законските измени кои се во работна фаза, приредувачот на игри на среќа во казина, во простории каде што се приредува томбола од затворен тип, во обложувалници и во автомат клубови е должен на влезната врата во деловната просторија во која се приредуваат игри на среќа, да истакне натпис со содржина : „Се забранува влез на лица со возраст под 18 години.“

1.000 евра за одговорното лице во правното лице

„Лица помлади од 18 години не можат да учествуваат во игрите на среќа. Приредувачот на играта на среќа е должен да го оневозможи учеството на лица помлади од 18 години, како и влез во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа. За непочитување на овие одредби се предвидени прекршочни санкции, односно предвидена е глоба во износ од 1.000 евра за одговорното лице во правното лице“, се наведува во законското образложение.

Од Министерстото за финансии како предлагач на измените, велат дека целта на  предложените решенија да се избегне можноста од штетни последици кои можат да ги предизвикаат игрите на среќа врз малолетниците.

Документацијата со која се докажува возраста на затекнатите лица под постојана контрола на УЈП

„Учеството во игрите на среќа во суштина претставува однос помеѓу учесникот и приредувачот на играта на среќа во кој исходот не зависи од волјите на учесниците во играта. Имајќи ја во предвид деловната неспособност на малолетниците, а со цел да се оневозможи влезот на малолетните лица, со предложениот закон се воведува обврска за приредувачите на игрите на среќа за истакнување на натпис на влезот на деловната просторија каде што се приредуваат игрите на среќа дека строго се забранува влез на лица под 18 години. Со измените на законот се засилуваат овластувањата на Управата за јавни приходи, како инспекциски орган кој го врши надзорот врз приредувањето на игрите на среќа, да може во секое време, при надзор, да врши проверка во документацијата со која се докажува возраста на затекнатите лица во просториите каде што се приредуваат игрите на среќа. Во делот на казнените одредби, за правното лице, доколку овозможи влез и учество во игрите на среќа на лица помлади од 18 години, се предлага воведување на глоба во износ од 5.000 евра, а доколку делото се повтори, ќе му се изрече и прекршочна санкција привремена забрана за вршење на одделна дејност во траење од шест месеци до две години“, истакнуваат од Министерството.

Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри

М.В/veljanoskim@akademik.mk