/ Прочитано:

12.658

„Се залагаме за целосна декриминализација на канабисот“ – ЈАНАКИ МИТРОВСКИ, адвокат и еден од основачите на Здружението за декриминализација на канабисот во РМ

Здружението за декриминализација на канабисот „БИЛКА“ во наредниот период интензивно ќе работи, пред сѐ, на подигнување на општата свест, организирање на научни трибини и подобрување на постојните законски решенија во насока на декриминализација на канабисот, вели Јанаки Митровски, адвокат и еден од основачите на Здружението за декриминализација на канабисот во Македонија.

Еден сте од основачите на Здружението за декриминализација на канабисот во Македонија. Кои  ќе бидат клучните заложби на ова здружение?

Клучна заложба на ова здружение ќе биде целосна декриминализација на канабисот како за медицинска така и за рекреативна цел, како и зачувување и унапредување на животната средина.

Зошто е потребна декриминализација на канабисот?

Затоа што сите понови истражувања јасно покажуваат дека канабисот не само што не е штетен туку е и здрав за човекот, односно наоѓа широка медицинска употреба. Затоа што конечно е време да ги отстраниме стегите наметнати од периодот на сатанизација на канабисот, која започнува во средината на триесеттите години, а трае и денес.

Што би значело тоа од правен, но и од социолошки аспект?

Од правен аспект, тоа би значело декриминализација на канабисот кога веќе легализацијата не е можна поради правни пречки од меѓународно правен карактер. Од социолошки аспект потврдено, декриминализацијата на канабисот ќе доведе до помалку употреба на канабис (освен во првичниот период, наспроти верувањата на скептиците дека ќе дојде до масовна употреба), но и до помала употреба на т.н. тешки дроги, како и до кривични дела што се придружни. Секаде каде што е водена полиберална политика за наркотици, ефектот е тој – значително намалена употреба.

Дел од овие прашања ги обработувате и анализирате во Вашиот магистерски труд. Според Вашите истражувања, но и од Вашата практика како адвокат, дали сметате дека во казненото законодавство постојат проблематични и недоречени решенија кои се аргумент плус за декриминализацијата на канабисот?

Секако. Член 215 од Кривичниот законик кој го регулира ова прашање е недоречен во смисла на тоа дека иако став 2 од цитираниот член предвидува привилегирана или полесна форма на делото (помала количина), самиот закон тоа не го регулира ниту, пак, го казнува градациски за опасноста од наркотикот по здравјето на луѓето и степенот на опасност од создавање адикција. Затоа „на помош” доаѓа Јавното обвинителство кое на незаконски начин со упатство го дополнува законот, а судот е соучесник во кршење на законот во услови кога ги прифаќа таквите обвиненија кои се темелат единствено врз запленета количина која не секогаш е значителна.

Кои ќе бидат активностите на Здружението за декриминализација на канабисот во Македонија во следниот период?

Здружението за декриминализација на канабисот „БИЛКА“ во наредниот период интензивно ќе работи, пред сѐ, на подигнување на свеста кај граѓаните за позитивните придобивки од канабисот, неговата медицинска и рекреативна употреба, а ќе организира и научни трибини со таа цел. Воедно ќе работиме и на подобрување на постојните законски решенија.

Се основаше Здружение за декриминализација на канабисот

М.В