/ Прочитано:

3.005

Седница на Владата на РМ: Миле Бошњаковски е именуван за портпарол на Владата и донесени се повеќе други кадровски решенија

Во интерес на транспарентно и навремено известување за активностите на Владата на Република Македонија, на владина седница беше одлучено Миле Бошњаковски да ја извршува функцијата портпарол на Владата на Р. Македонија. Владата, исто така, ја разгледа и усвои информацијата за статусот на спроведување на проектот „Национален портал за електронски услуги за граѓаните“, поддржан со средства од ИПА-фондовите, за што беа задолжени одредени министерства и државни институции. Од нив се очекува во најскоро време да ги утврдат приоритетните услуги што им се нудат на граѓаните, со цел да се направи селекција на најважните 50 сервиси што граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат.

На 14. седница на Владата на Република Македонија, донесени се повеќе заклучоци и одлуки во интерес на граѓаните на Република Македонија.

Во интерес на транспарентно и навремено известување за активностите на Владата на Република Македонија, на владина седница беше одлучено Миле Бошњаковски да ја извршува функцијата портпарол на Владата на Р. Македонија.

Беше заклучено дека огромното искуство и професионалниот капацитет што Бошњаковски ги поседува во областа на комуникациите се цврста гаранција за понатамошното транспарентно, навремено и отчетно информирање на граѓаните за активностите на Владата на Република Македонија.

Со цел да спречи понатамошни штети по Буџетот на Република Македонија од неодговорното однесување на дел од членовите на управните и надзорните одбори на јавните претпријатија, за кои постојат информации дека биле потпишувани штетни менаџерски договори и дека биле именувани луѓе на менаџерски позиции со надоместоци со астрономски износи, Владата на Република Македонија усвои решенија за разрешување на членови на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица. Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членови на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија.

Владата ја именуваше Радмила Шекеринска за претседател на Организацискиот одбор за прославата на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката.

Владата ја разгледа и усвои информацијата за статусот на спроведување на проектот „Национален портал за електронски услуги за граѓаните“, поддржан со средства од ИПА-фондовите, за што беа задолжени одредени министерства и државни институции. Од нив се очекува во најскоро време да ги утврдат приоритетните услуги што им се нудат на граѓаните, со цел да се направи селекција на најважните 50 сервиси што граѓаните ќе ги добиваат по електронски пат.

Исто така, Владата разгледа и усвои информација за тринаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и Европската Унија што ќе се одржи на 18 јули во Брисел, со платформа за настап на државната делегација предводена од министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Владата ја разгледа и усвои информацијата за тендерската постапка за доделување на договори за јавно приватно партнерство за финансирање, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во регионите 1, 2 и 3, како и информацијата за мултииндикаторското, кластерско истражување со кое се оценува состојбата на социјалниот статус на жените и децата.

На седницата на Владата на Р. Македонија, премиерот Зоран Заев ги пренесе впечатоците од разговорот со заменик претседателот на САД, Мајк Пенс и ја истакна огромната поддршка што заменик претседателот Пенс ѝ ја дава на Македонија во спроведувањето на реформите од Планот 3-6-9, со што уште еднаш се потврдува поддршката на САД за евроатлантските перспективи на земјата и регионот.