/ Прочитано:

1.195

Седницата на Уставниот суд на која ќе се одлучува за Законот за помилување затворена за јавноста

Предлогот за одлучување за Законот за помилување е ставен на дневен ред на седницата на Уставниот суд, која ќе се одржи утре, кога Судот треба да одлучи мериторно дали ќе го укине Законот или ќе ја запре постапката.

USTAVEN SUD 6

Откако минатата недела го најави дневниот ред на следната седница, на која ќе биде ставен и Предлог за одлучување, со нацрт-одлука по предметот оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за помилување, Уставниот суд неделава ја затвори седницата за јавноста.

„Преглед на иницијативи за оценување на уставноста и законитоста предложени за 7-та седница на Уставниот суд на Република Македонија, закажана за 16.3.2016 година, со почеток во 9:00 часот – ЈАВНОСТА НА СЕДНИЦАТА Е ИСКЛУЧЕНА“, стои на веб-страницата на Уставниот суд.

Untitled 1

Од Уставниот суд денеска не беа достапни за коментар зошто ќе биде исклучена јавноста од седницата.

Во Деловникот за работа на Уставниот суд се наведува дека:

„Јавноста во работата на Уставниот суд се обезбедува со известување на јавноста преку средствата за јавно информирање за одржување на јавните расправи, а по оцена на Судот и за одржување на седница и подготвителна седница, со присуство на учесниците во постапката, други лица, органи и организации и претставници на средствата за јавно информирање за одлуките на Судот по прашања од интерес за пошироката јавност“, стои во членот 84.

Сепак, во членот 85 од Деловникот стои дека :

„Јавноста во работата на Судот на јавната расправа, седницата и подготвителната седница, може да се исклучи ако тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на земјата, чувањето на државна, службена или деловна тајна, заштитата на јавниот морал и во други оправдани случаи што ги определува Судот“.

Според Деловникот и според вообичаената пракса на Уставниот суд, само советувањето и гласањето се врши без присуство на јавноста.

На затворањето на седницата реагира Хелсиншкиот комитет кој прашува кога и како е донесена одлуката за исклучување на јавноста.

„Сметаме дека Уставниот суд не смее да ја продолжи тенденцијата на нетранспарентност на институциите и да дозволи поинакво дефинирање на јавното следење и информирање за неговата работа. Потсетуваме дека претседателката на Уставниот суд во јуни 2014 донесе усна одлука со која на медиумите им забрани аудиовизуелно снимање на седниците на Уставниот суд. Со денешната одлука, Уставниот суд целосно се затвора за јавноста, што е спротивно на принципите на демократијата и владеењето на правото“, стои во соопштението на Хелсиншки.

Предлогот за одлучување за Законот за помилување е ставен на дневен ред на седницата на Уставниот суд, која ќе се одржи утре, кога Судот треба да одлучи мериторно дали ќе го укине Законот или ќе ја запре постапката.

Измените на Законот за помилување кои се оспорени опфаќаат:

„Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето, кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги од и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“, стои во измените од 2009 година.

Покрај тоа, со измените се утврдени постапката за барање за помилување и ингеренциите на Комисијата за помилување при одлучување по барањата.

Уставните судии пред три недели ја прифатија Иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, доставена од адвокат. Петмина од уставните судии гласаа „за“, а четворица гласаа „против“ Иницијативата.