/ Прочитано:

1.618

Седум нови истраги на СЈО

На денешната прес-конференција Специјалното јавно обвинителство информираше дека отвора седум нови истраги. По повеќемесечни опсежни предистражни дејствија, истакна на денешната прес-конференција обвинителката Катица Јанева, донесов наредби за спроведување на истражни постапки против повеќе лица, во кои тие се товарат за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластувањата, за измама во службата, како и за други кривични дела.

Интегралното соопштение на СЈО во врска со новите истраги:

СТРАНСКИ СЛУЖБИ
Првата истрага под кодно име „Странски служби“ е отворена против две лица поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело –Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 став 5 в.в став 1 од КЗ, од кои едниот како поттикнувач, а другиот како директен извршител.

Прибраниот доказен материјал упатува на околноста дека во текот на октомври и ноември 2014 година, по барање на еден од осомничените, кој во тој период бил началник на Одделот за оперативна техника при УБК, странска компанија изготвила извештај во кој е наведено дека на подрачјето на Град Скопје, „со своја опрема“ детектирале нелегална активност со клонирани (дупли) базни станици. Овој извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното незаконското прислушување го извршиле странски служби.

Се разбира дека за изготвување на таков невистинит извештај свој интерес имала и странската компанија и таквиот интерес се реализирал многу набрзо. Имено, веќе во месец декември 2014 година, еден месец по изготвување на нарачаниот извештај, оваа компанија, надвор од процедурите во Законот за јавни набавки, со веројатно најбрзата постапка за јавна набавка на опрема, преку дејствија на двајцата осомничени со фаворизирање од нивна страна, го добила тендерот за набавка на опрема за потребите на МВР.

Постапката по оваа јавна набавка започнала по иницијатива на второосомничениот, тогашен началник на Одделот за оперативна техника при УБК, кој на 16.12.2014 година побарал да се спроведе постапка за набавка на предметната опрема, согласно членот 7 од Законот за јавни набавки, а првоосомничениот на 19.12.2014 година донел одлука за набавка, формирал комисија за таа цел и самоиницијативно доставил три покани за прибирање понуди до три странски компании. За пет дена, била „средена целокупната работа“, како претставниците на странските компании во Република Македонија да ги примиле поканите и веднаш ги доставиле понудите, а кои, според почетните сознанија, се рачно пополнети од едно исто лице. Реализацијата била уште поекспресна, поточно петтиот ден, на 24.12.2014 година е донесена одлуката за избор на најповолна понуда и истиот ден е склучен договорот со претставникот на странската компанија, којшто од нему познати причини, токму тој ден, бил присутен во Република Македонија. Опремата по овој договор, за кој постои основано сомнение дека е склучен со незаконити дејствија на двајцата осомничени, е испорачана во мај 2015 и е инсталирана.

ДРУМАРИНА
Оваа истрага под кодно име „Друмарина“ е отворена поради основано сомнение дека осомничената, тогашен пратеник во Собранието на Република Македонија сторила кривично дело – Измама во службата од член 355, став 3 и 1 од КЗ, а во врска со користење на право на надомест на патни трошоци за службени патувања со сопствено возило.
За периодот на кој се однесува истрагата осомничената била пратеник во Собранието на Македонија. Истата, во периодот на нејзиниот мандат од 25.06.2011 до 16.12.2015 година, до службите на Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила патувања заради присуство на седници во Парламентот.
Меѓутоа, од прибавените докази произлегува дека истата имала сместување во Скопје и не ги остварила прикажаните патувања на посочената релација, за присуство во Собранието.

Осомничената доставила сметки за патарини како доказ дека наводно остварила вкупно 843 патувања со сопствено возило на релација од градот, евидентиран како место на живеење во нејзините лични документи, до Скопје.

Вредно е да се напомене и дека извршената анализа покажува дека според доставената документација, доколку патувањата биле реално остварени со предметното возило, осомничената би требало да има поминато најмалку 235.928 км, иако од прибавените докази целокупната помината километража на истото возило изнесува 133.520 километри за наведениот период. Ова е дополнителен показател дека осомничената реално не ги направила прикажаните трошоци и го довела во заблуда овластеното лице во Собранието на Република Македонија да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен износ од 5.973.802,00 денари или, околу 100.000 евра, за надомест за патни трошоци, што претставува износ на противправно прибавената имотна корист.

НАБАВКА НА РАДИОЛОШКА ОПРЕМА – РЕНТГЕН
Истрагата под кодно име „Рентген “ е отворена поради основано сомнение дека во 2012 година, тогашниот министер за здравство при постапката за јавна набавка на рендген апарати и друга опрема за радиолошките служби во четири здравствени установи во Република Македонија, сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 став 5 в.в став 1 од КЗ.

Постои основано сомнение дека во текот на оваа постапка, осомничениот фаворизирал една од фирмите кои учествувале во постапката и, пред официјалниот почеток на постапката, овозможил истата да добие детални информации за предметот на набавката. Конкретно, лица ангажирани од таа фирма, користејќи инсајдерски податоци, детално ја скенирале состојбата и потребите во здравствените установи за кои подоцна е спроведена постапката и изготвиле студија. Овој факт на осомничениот му бил добро познат бидејќи студијата ја добил на својот личен меил во текот на месец август 2012 година.

Рамковната спогодба која била склучена како резултат на вака спроведената постапка е раскината од страна на осомничениот во јануари 2014 година, откако во јавноста беа објавени информации за учеството на позната новинарка и на нејзината мајка во сопственичката структура на фирмата која го добила тендерот.
Меѓутоа, постои основано сомнение дека осомничениот продолжил со дејствијата на злоупотреба и, иако бил свесен дека треба да ја поништи целокупната постапка за јавна набавка, тоа не го сторил, туку спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки склучил договор со второрангираниот во постапката, со што за него прибавил значителна имотна корист во износ од околу 860 илјади евра.

ПРОДУЦЕНТ
Истрагата под кодно име „Продуцент“ е отворена поради основано сомнение дека во периодот од 2009 до 2012 година, тогашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство со искористување на својата службена положба и овластување, спротивно на Законот за јавни набавки сторил кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 став 5 в.в став 1 од КЗ.
Имено, осомничениот во ноември 2009 година во име на Министерството склучил договор за деловна соработка со Друштвото за комуникации и консалтинг СМАРТ ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје во вредност од 50.000 евра пресметано во денари, според кој договор друштвото СМАРТ ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје настапило како продуцент на емисијата „Боја на парите“ која се емитувала на ТВ Сител, а Министерството како корисник на услугите закупило простор за емитување на програмски пакет изработен од продуцентот.
Ваквиот договор е склучен без спроведување на постапка за јавна набавка, само со повикување на член 8, став 1, алинеја 2 од Законот за јавни набавки, иако според наведениот член ваков продуцентски програмски пакет, без спроведување на Законот за јавни набавки, можел да се нарача единствено од радио или телевизиска куќа, што не е случај со наведеното правно лице. Вредноста на склучениот договор изнесува 50 илјади евра, кои парични средства, без докази за извршената услуга од страна на Министерството се исплатени на друштвото СМАРТ ЦЕНТАР ДООЕЛ Скопје, за кој износ е прибавена корист за Друштвото и е причинета значителна штета на средствата на буџетот на државата.

ЛИДЕРИ
Петтоотворената истрага го носи кодното име „Лидери“, поради телефонскиот разговор кој е јавно објавен во т.н. бомби, а се однесува на договарање на „политика“ на рушење на евентуално бесправно изградени објекти помеѓу двајца лидери на политички партии.
Предметната истрага се отвора поради основано сомнение дека е сторено кривично дело – Бесправно градење од член 244 а од КЗ, во која како осомничен е инвеститорот на објектот изграден на локација спори една странска амбасада во Скопје. Објектот е изграден во период од ноември 2011 година до февруари 2013 година, без одобрение за градба и со површина од 1000 м2.

ТАРИФА 2
Шестоотворената истрага го доби кодното име „Тарифа 2“ бидејќи се однесува на основано сомнение за злоупотреба на положбата при имплементација на ЕРП софтверот во АД ЕЛЕМ. Истражната постапка се спроведува против едно лице коешто е веќе обвинето во предметот „Тарифа“, меѓутоа овој пат поради основано сомнение дека сторил ново кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст. 5 в.в со ст. 4 в.в со ст.1 в.в со чл. 45 од Кривичниот законик. Постои основано сомнение дека штетата е причинета по два основа, и тоа: износ од 146.400 евра произлегува од неоснованата исплата од страна на АД ЕЛЕМ кон членката на конзорциумот НЕСС од Република Чешка, при што осомничениот одобрил неоснована исплата на име миграција на податоците од стариот во новиот систем, која миграција требало да се спроведе во фаза на имплементација на системот, а таа и до денес не е завршена и системот не е целосно имплементиран.
Со второто дејствие истиот осомничен постои основано сомнение дека причинил штета на АД ЕЛЕМ во износ од 72.480 евра на име Поддршка по пуштање во реална употреба на системот. Имено, иако е направен обид да се пушти во употреба ЕРП системот, сепак тој бил неуспешен, но и покрај тоа осомничениот, по тој основ, одобрил да се исплати веќе споменатиот износ кон членката на конзорциумот.
Со овие две дејствија постои основано сомнение дека осомничениот, како одговорно лице – координатор на проект за имплементација на ЕРП системот во АД ЕЛЕМ, причинил имотна штета во вкупен износ од 218.880 евра, односно 13.461.120 денари, и за истиот износ користа наведеното правно лице од Чешка.

ТРАНСПОРТЕР 2
Седмата истрага, со кодно име „Транспортер 2“, која на некој начин претставува продолжение на незаконските дејствија со превозот на ученици во Битола во учебните 2009/2010 и 2010/2011 година, се спроведува против десет осомничени лица, и тоа повторно против поранешниот градоначалник на Битола и поранешниот секретар на Општината, како и против пет овластени лица на превозниците, за кои веќе е одобрен обвинителниот акт за „Транспортер“. Во оваа истрага се вклучени и тројца директори на основни училишта кои не беа опфатени со претходната истрага
Имено, за учебната 2009/2010 година од прибавените докази произлезе основано сомнение дека поранешниот градоначалник и поранешниот секретар на Општината, заедно со осомничените директори како соизвршители, за еден превозник прибавиле имотна корист од 230 илјади денари. За учебната 2010/2011 година, постои основано сомнение дека истите осомничени, со овластените лица на превозниците како нивни помагачи, прибавиле имотна корист за пет превозници во вкупен износ од 1.643.583 денари. И во оваа истрага, поранешниот градоначалник и секретарот на општина Битола, како и директорите, се сомничат дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5, в.в. со став 1, а в.в со член 22 и член 45 од КЗ, додека овластените лица на превозниците за нивни помагачи во истото дело. Начинот на извршувањето на кривичното дело, за кое постои основано сомнение дека е извршено, е идентичен како во веќе одобрениот обвинителен акт „Транспортер“.

М.В