/ Прочитано:

8.154

„СЕКОГАШ ПРВИ Е НАШАТА МИСИЈА“ – одбележан Денот на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска го одбележа Денот на Правниот факултет. „Преку постојаното осовременување на студиите и создавањето вистинско знаење, Правниот факултет низ своето постоење дефинира што треба да биде факултетот. Тука и сега. Секогаш први! Тоа е нашата мисија", истакнуваат од Факултетот.

akad 2

Нашиот факултет е дом на најдобрите студенти“

Правниот факултет „Јустинијан Први“, вели деканот на Факултетот проф. д-р Сашо Георгиевски, е најавторитетната и најценетата високообразовна институција во Република Македонија која организира Правни студии, Политички студии, Студии по новинарство и Студии по односи со јавноста.

„Ваквата врвна положба на Факултетот може да ја постигнеме со фактот што нашиот факултет е дом на најдобрите студенти. Времето кое е актуелно денес е време во кое Правниот факултет „Јустинијан Први” одбележува 65 години од своето основање. Кога ќе погледнеме наназад, успесите што ги постигнува Факултетот се темелат на посветеноста и ангажираноста на професорите, соработниците и административните служби кон целокупниот наставен и научен процес. Овој јубилеј, кој е заслуга на сите нас, јас како декан очекувам да го покаже единството на Факултетот и посветеноста на неговата академска заедница во одговарањето на предизвиците кои се пред нас“, нагласува деканот на Правниот факултет проф. д-р Сашо Георгиевски.

akad 2

На денешниот настан се обратија и амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија Самуел Жбогар и доц. д-р Елена Михајлова кои го нагласија значењето на човековите права низ призмата на Универзалната декларација за човекови права како акт усвоен од Генералното собрание на ОН на 10 декември 1948 година, во која се истакнува дека сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и правата. Овој историски датум Правниот факултет „Јустинијан Први“ го одбележува и како свој ден.

akademik foto 1

Историјат на Факултетот

Прaвниот фaкултет во Скопје е член нa Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје, најголемиот и најстариот универзитет во Република Македонија. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е формиран во 1949 како прв универзитет во земјата. На 3 ноември 1951 година, Владата на Народна Република Македонија го основаше Правно-економскиот факултет како член на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Како резултат на зголемениот интерес за студирање, Правно-економскиот факултет беше поделен на два одделни факултети на 1 јули 1956 год. Оттогаш, Правниот факултет постои како посебна високообразовна институција во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

akad 2

„Денес Правниот факултет „Јустинијан Први“ претставува водечка академска институција во Македонија во областите на правото, политичката наука и новинарството. Академската заедница на Факултетот опфаќа еминентни и почитувани професори и асистенти. Факултетот има воспоставено соработка со над 70 факултети во светот. На Факултетот се отворени неколку истражувачки центри, а образовниот процес се остварува со употреба на најсовремена технологија“ истакнуваат од Правниот факултет.

akademik foto 1

Од Деканатот на Правниот факултет истакнуваат дека програмата за Правните студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ е заснована врз изучување на поголем број правни дисциплини, и тоа од филозофски, историски, економски, социолошки и од практичен аспект. Програмата за Политичките студии ги интегрира множеството аспекти и елементи на политичката реалност, додека пак програмата за Студиите по новинарство овозможува нов начин на студирање, можност за избор на насоки и специјализации, нови општообразовни и стручни предмети и практична работа.

Наставно-научниот совет на Факултетот, по предлог на Факултетската управа, на седницата одржана на 9 ноември 2001 година донесе одлука за именување на Правниот факултет во Скопје. Со оваа одлука Правниот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е именуван во Правен факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

akademik foto 1

Освен тоа, оваа одлука предвиде покрај ова име да се користи и името напишано на латински јазик (Facultas Iuridica Iustinianus Primus). Одлуката Правниот факултет во Скопје да се именува со името на византискиот император Јустинијан Први произлезе од повеќе причини.

Јустинијановата кодификација е најзначајна кодификација во историјата на правото

„Јустинијан е последниот император којшто успеал да ги обедини Источното и Западното Римско Царство. Се претпоставува дека е роден во Тауресиум во близината на Скопје. Владеел полни 40 години (од 527 – 565 година). Кога стапнал на престолот, го зел името на својот чичко, царот Јустин, и станал познат по името Јустинијан (справедлив)“, велат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

akademik foto 1

„Причина за успехот на Јустинијан е фактот што бил опкружен со многу добри соработници, како што е познатиот правник Трибонијан. Тие го советувале дека несигурноста на државата може да се надмине со зацврстување на правниот систем, односно со изработка на кодификација на римското право, во која би биле инкорпорирани целокупните ius и leges. Така, Јустинијан сфатил дека државата се заснова не само на силата на оружјето, туку и на силата на правото. Токму поради тоа започнала работата врз кодификацијата на римското право, која во средниот век го добила името Corpus iuris civilis“, истакнуваат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

akademik foto 1

Поаѓајќи од Теодосиевиот кодекс, како и од постарите приватни збирки, Грегоријановиот и Хермогенијановиот кодекс, комисијата од правници под раководство на Трибонијан изработила збирка на важечки царски закони од времето по Хадријан. Оваа збирка – Јустинијанов кодекс – е објавена во 529 година, а пет години подоцна излегло и ново дополнително издание. Уште поголемо дело претставуваат Дигестите (Пандекти) објавени во 533 година.

Дигестите се поделени во 50 книги и во нив се обработени сите прашања од областа на јавното и приватното право, при што противречните списи на римските правници за првпат се собрани и систематски средени. Третиот дел на кодификацијата се Институциите кои служеле како прирачник за правните студии. Најпосле, последниот дел со кој завршува Јустинијановиот Corpus iuris civilis се Јустинијановите новели, нови наредби, објавени по публикувањето на Кодексот.

akademik foto 1

„Несомнено, Јустинијановата кодификација претставува најзначајна кодификација во историјата на правото, не само поради содржината туку и поради влијанието што го извршила во понатамошниот развиток на правото. Почетоците на правните студии во средниот век и на сите правни школи што се јавиле подоцна се врзани токму со проучувањето на Јустинијановата кодификација“, нагласуваат од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

M.В