/ Прочитано:

2.059

СЕКОЈ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОБАР ПРЕЗЕНТЕР: Како истовремено да се биде веродостоен и занимлив говорник

Јавното говорништво ѝ претходи на реториката како наука за убавото говорење: најпрвин се развила говорничката практика – на плоштадите и во судовите – а врз нејзината основа подоцна се утврдиле говорничките правила обединети во реторичката теорија. Во последните неколку години, сред западните влијанија што го зафатија домашниот пазар на трудот, јавното говорење стана една од клучните дисциплини на секоја професија: без оглед на тоа дали се работи за презентација пред колегите или пред клиентите, јавното пренесување информации доби лавовски удел во комуникациските вештини на еден професионалец. Како да се биде уверлив и веродостоен презентер, но истовремено интересен и занимлив говорник?

Обмислете интересен почеток. Навлезете во сржта на својата тема преку презентирање занимлива табела или скокотлив статистички податок што поттикнува размислување, преку некое загадочно прашање или преку привлечен цитат од позната личност. Ако имате доволно храброст, можете уште на самиот почеток да ја вклучите и публиката во реферирањето, на пример, преку спроведување мала анкета.

Испорачајте релевантни информации. Вашето занимливо излагање нема вредност ако на публиката ѝ е сеедно каква порака пренесувате. Токму затоа, уште на самиот почеток појаснете зошто е важна вашата презентација и каква полза од неа има опкружувањето: треба да послужи како решение за приватен или за професионален проблем; треба да мотивира и да инспирира; треба да иницира акција? Секогаш настојувајте првин да го опишете проблемот, а потоа да го објасните своето предлог-решение. Така ќе внесете мала драматургија во излагањето.

Служете се со анегдоти од својот живот. Сетете се на некој впечатлив миг од своето минато со кој би можеле да допрете до темата на презентацијата: освен што ќе ви послужи како алатка за визуализирање, ќе ви дозволи ненаметливо да пренесете свој потфат. Ако не ви паѓа напамет некое лично доживување, подгответе си приказна од обичното секојдневие и поврзете ја на интересен начин со суштината на излагањето.

Избришете ги пренатрупаните слајдови. Никому не му дошло до читање реченици на прикажани слајдови. Добрата презентација бара краток вовед, информативен главен дел и концизен заклучок. Фокусирајте се на темата и ослободете се од сите непотребни зборови и од речениците што служат само за китење. Јавното говорење не е најефективната форма на комуницирање, бидејќи при слушањето, публиката запаметува само одреден дел од кажаното. Оттаму, концентрирајте се само на најнеопходното.

Дозволете му на телото да зборува. Со други зборови: извадете ги рацете од џебовите и чувствувајте се слободно при гестикулирањето. Илустрирајте со рацете секогаш кога ќе ви се укаже можност за тоа.

Играјте си со мелодијата на сопствениот глас. Колку позвучно ги поткрепувате со својот глас кажаните факти, толку повеќе публиката ќе ги памти. Внимавајте на мелодијата и менувајте ја интонацијата во зависност од текот на контекстот што го опфаќате во своето излагање. На пример, ако презентирате зачудувачки или сосема неочекувани факти, одглумете вчудовиденост и засилете ја јачината на гласот за да го привлечете вниманието во дадениот момент.

Не претерувајте со стручната терминологија. Секое јавно излагање подразбира употреба на стандардниот јазик пропишан според нормата. Сепак, одвреме-навреме – особено кога се работи за подолга стручна презентација – извесни фрази од секојдневието, односно изрази од улицата можат да ја опуштат и да ја насмеат публиката, којашто треба да остане рецептивна и да издржи до самиот крај на излагањето. Ако претерате со стручната терминологија, може да создадете бариера и да го нарушите разбирањето на контекстот или, уште полошо, на самата тема.

Изберете си неколку фиксни точки во публиката. Контактот со очите е од исклучителна важност, но тешко се одржува ако говорникот е соочен со трема. Во тој случај, најдобро е да се изберат неколку фиксни точки од другата страна на подиумот, на пример, две до три пријатни лица во публиката, на коишто може почесто да им се погледнува в очи. Не грижете се: дури и оние што се седнати околу нив ќе чувствуваат дека им посветувате внимание, особено ако се наоѓате во поголема сала. Сепак, не гледајте само во фиксираните лица во текот на целата презентација, зашто по кусо време може да им стане мошне непријатно.

Вежбајте го што почесто подготвениот реферат. Честопати се советува вежбање пред огледало. Кај помладите, ова може да има негативен ефект и уште толку повеќе да ги збуни. Затоа, предложете им на своите најблиски или, пак, на потесен круг пријатели да го ислушаат Вашиот реферат за да ви го пренесат впечатокот во однос на тоа како зборувате. Настојувајте свесно да избегнете какво било туфкање или мрморење. Истото важи и за одделни зборови што несвесно се провлекуваат и бесконечен број пати се повторуваат низ зборувањето, како што се: „значи“ или „така“.

Најважно од сè: уживајте во своето излагање! Изградете позитивен став кон своето излагање и уживајте во јавното говорење. Ако целата работа однапред ја гледате како непотребно измачување, самите си го попречувате патот кон успехот и непосредно ѝ го пренесувате незадоволството на публиката. На таков начин тешко можете да оставите добар впечаток. Останете професионални до самиот крај и не очајувајте ако не сте успеале: всадете си ја веднаш мислата дека следниот пат ќе бидете подобри.

 


Подготви: Далибор Стајиќ Објавено: 29.10.2014