/ Прочитано:

1.804

Селективна правда пред судовите и недоверба на граѓаните во правосудството

Хелсиншкиот комитет за човекови права и Институтот за европска политика денеска ги презентираа наодите од истражувањето на јавното мислење за Поглавјето 23 на ЕУ – Правосудство, борба против корупција и темелни права.

Според податоците од истражувањето на искуствата, сознанијата и перцепциите на вработените во државната администрација и правосудните институции во однос на состојбите во правосудството, борбата против корупцијата и основните човекови права, вкупно 47 проценти од испитаниците сметаат дека институциите имаат капацитет да ги спроведат реформите во областа на Поглавјето 23 на ЕУ.

34 отсто од испитаниците сметаат дека институциите се доволно стручни за спроведување на реформите, додека само 4 проценти од вработените во државната администрација сметаат дека институциите се целосно независни од политичките партии при спроведувањето на реформите.

Истражувањето покажува дека за 54 проценти од вработените во државната администрација состојбата во правосудството е лоша, наспроти 11 проценти кои сметаат дека е добра, додека само околу 15 проценти сметаат дека Македонија е подготвена за пристапување во ЕУ од аспект на правосудството.

За 46 проценти од испитаниците состојбата во борбата против корупцијата е лоша, наспроти 15 отсто кои сметаат дека е добра, додека само околу 13 отсто од вработените во државната администрација веруваат дека Македонија е подготвена за пристапување кон ЕУ од аспект на борбата против корупцијата.

Најлоша оцена за човековите права од граѓаните се дадени во областа на правосудството, односно на ефективна правна заштита пред правосудните органи. Генералната состојба со човековите права како добра или многу добра ја оценуваат 29 проценти од вработените во државната администрација, додека лошо ја оценуваат приближно 30 проценти од испитаниците.

„Ова не изненадува. Години наназад правосудството останува да биде на дното кога станува збор за довербата на граѓаните и неговата ефективност е позната, долготрајноста на судските постапки и тоа што го гледаме низ нашата работа. Она што загрижува е дека голем процент од граѓаните сметаат дека не постои еднаквост пред законите, што зборува дека нашите констатации се потврдуваат бидејќи цело време зборувавме за селективна правда пред судовите“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

M.В