/ Прочитано:

824

Семејствата на исчезнати босански Срби ја тужат БиХ пред Судот во Стразбур

Среда, 20 август 2014- Семејствата на 88 исчезнати борци и цивили од Република Српска до Европскиот суд за човекови права во Стразбур поднесоа тужба против Босна и Херцеговина, бидејќи надлежните органи ниту до денес не успеале да ги пронајдат нивните роднини.

Тужбата по повеќе најави е поднесена на 11 август, во обид Меѓународниот суд да ги принуди властите на БиХ конечно да ја откријат судбината на исчезнатите босански Срби, пишува бањалучкиот весник „Глас Српске“.

Пред да се одлучат на овој чекор, семејствата ги исцрпеле сите правни лекови пред надлежните тела во БиХ. Според најавите, ова ќе биде прва во серијата тужби, кои по таа основа ќе бидат поднесени до Судот во Стразбур.

На иницијатива на претседателот на Народното собрание на српскиот ентите во БиХ, Игор Радојичиќ, сите активности во врска со поднесувањето на тужбата ќе ги води Републичката огранизација на семејствата на заробените и загинатите борци и исчезнати цивили на Република Српска.

Според една од тужбите, во која весникот имал увид, станува збор за образец на однесување, кој властите на БиХ го применувале во такви случаи. Имено според тој образец, Уставниот суд на БиХ им наложувал на властите на да ја утврдат судбината на одредено лице, но тие не преземале ништо.

Потоа Судот носел решение за неизвршување на својата одлука, кое го проследувал пред Обвинителството на БиХ, кое исто така таквите случаи ги оставало неразјаснети. Некои семејства трагаат по своите блиски и по дваесетина години.