/ Прочитано:

853

Семинар: „Младите лидери, подготвени да се соочат со балканските и европските предизвици“

Петок, 4 април 2014 – „Младите лидери, подготвени да се соочат со балканските и европските предизвици“ е насловот на семинарот што ќе се одржи во Скопје и во Охрид, а на кој студенти ќе дискутираат за своите визии за европскиот проект, ќе дебатираат за политиката на проширување и ќе дадат конкретни идеи за надминување на пречките кои им стојат на патот на земјите од Западен Балкан во процесот на eвроинтеграцијата.

 Станува збор за собир на млади студенти кои доаѓаат од Балканот и од најразлични краеви на Европа, но исто така и европски и балкански политички лидери, еминентни експерти за регионот, истражувачи и професори.

 Програмата на семинарот што ќе се одржи денеска во Скопје е посветена на младите како двигатели на прогресот и на нивното оформување во „лидери на утрешнината”.

 Во Охрид фокусот е ставен на запознавање на европската јавност со проблематиките на еден политички многу комплексен регион, како и на дебатирање за истите прашања низ европска призма, со цел да се придонесе во зближувањето на засегнатите земји од Западен Балкан со Унијата.

Семинарот е во организација на француската Асоцијација Бургундија Балкан Експрес во партнерство со Младинскиот образовен комитет на Србија, поддржани од Парискиот институт за политички науки „Sciences Po“, градот Дижон, Амбасадата на Франција во Република Македонија и Европскиот фонд за Балканот.