Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи
Одделение: Управни работи
ул. Кеј Димитар Влахов бб, 1000 Скопје - во зградата на МТВ со влез од страната на реката Вардар , Скопје

Дозвола за привремен престој на жртви на трговија со луѓе

Кога ќе се утврди дека се работи за жртва на трговија со луѓе, потребно е веднаш да се извести подрачниот инспектор од Единицата за борба против  трговија со луѓе и криумчарење на мигранти за понатамошна постапка.

Oд разговорот со странецот, службеното лице изготвува службена белешка и доставува барање за сместување во прифатниот центар за странци.

На странецот за кој постои основано сомнение дека е жртва на кривично дело „трговија со луѓе“ му се овозможува во период од два месеца да одлучи дали ќе соработува со надлежните државни органи  во откривањето на кривичните дела и сторителите или ќе се врати во државата чиј државјанин е или во која има законски престој.

По истекот на периодот на одлучување или претходно, доколку надлежните државни органи оценат дека странецот покажува јасна намера за соработка, на странецот кој е жртва на трговија со луѓе може да му се издаде дозвола за привремен престој, ако:

-неговиот престој во Република Македонија е неопходен заради спроведување на судска постапка;

-покажува јасна намера за соработка со надлежните државни органи во откривањето на кривичните дела и сторителите и

-ги има прекинато односите со лицата за кои постои основано сомнение дека се вклучени во извршување на кривично дело „Трговија со луѓе“.

Времетраење на дозволата

Дозволата ќе се издаде за период до шест месеца и истата ќе се продолжува, доколку се исполнети гореспоменатите услови.

За прекинување на периодот на одлучување и за одземање на правото на привремен престој, решението го донесува Единицата за борба против трговија со луѓе и криумчарење на мигранти.