Информации

Надлежен орган: Министерство за внатрешни работи на РМ
Сектор: Управно надзорни работи
Web Site: www.mvr.gov.mk
Контакт информации: Осман Љимај, помошник министер во Одделот за граѓански работи

Постапка за пријавување на живеалиште и престојувалиште

Живеалиште е местото во кое што сте се населиле со намера во него постојано да  живеете и во кое имате обезбедено стан за живеење.

Престојувалиште е место во кое привремено престојувате надвор од општината во која имате живеалиште.

Се смета дека граѓанинот има обезбедено стан за живеење, ако тој или член на неговото семејство има вселив стан по основ на сопственост или договор за закуп во согласност со Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните.

За да ви се издаде лична карта на Република Македонија мора претходно да  имате пријавено живеалиштете во Република Македонија.

Како и каде треба да го пријавам своето живеалиште?

Треба да ги поднесете следниве документи:

Барање за одобрување живеалиште/престојувалиште (кое ќе го добиете бесплатно во Министерството за внатрешни работи),

-доказ за Вашата намера постојано да престојувате во Република Македонија (ова може да биде прикажано на повеќе начини, на пример потврда дека сте вработени, потврда дека децата ви посетуваат училиште во местото каде што го пријавувате живеалиштето,  доказ дека сте сопственик  на фирма во Република Македонија итн.),

-по службена должност се прибавува препис од матичната книга на родените,

-обезбеден вселив стан,

-документ дека станот е Ваша сопственост или  пак договор за закуп на стан во согласност со закон, заверен кај нотар.

Ако живеете во стан кој е сопственост на вашите родители или деца, тогаш ќе го доставите нивниот документ за сопственост како и изјава од родителите/децата дека ќе живеете со нив.

Надлежна институција е секоја подрачна единица на Министерството за внатрешни работи според местото каде што го пријавувате своето живеалиште.

Што ако се преселам од едно во друго место во Република Македонија?

Ако се преселите од едно во друго место во Република Македонија, во рок од 8 (осум) дена треба да го одјавите претходното живеалиште и да го пријавите новото живеалиште, како за Вас така и за Вашите малолетни деца.  Притоа треба да ги поднесете следниве документи:

-барање;

-лична карта (или друга исправа со која може да се утврди вашиот идентитет);

-потврда дека сте го одјавиле претходното живеалиште;

-обезбеден вселив стан и

-документ дека станот е Ваша сопственост или  пак договор за закуп на стан во согласност со закон, заверен кај нотар.

Ако живеете во стан кој е сопственост на Вашите родители или деца, тогаш ќе го доставите нивниот документ за сопственост како и изјава од родителите/децата дека ќе живеете со нив.

Што ако сум ја променил/а  адресата на живеење во иста општина?

Треба да ја пријавите промената на адресата на станот во живеалиштето за вас и вашите малолетни деца во рок од 8 (осум) дена и да приложите доказ за обезбеден стан за живеење во подрачната единица на Министерството за внатрешни работи.

Што ако сум државјанин на Република Македонија и ако сум се преселил/а од странство во Република Македонија со намера за постојано живеење?

Доколку адресата на Вашето живеалиште е надвор од Република Македонија, не е потребно да го одјавувате Вашето живеалиште во странство.  Сè што е потребно е да поднесете барање за пријавување на живеалиште во Република Македонија со сите потребни докази, како што е објаснето погоре.

Што треба да сторам ако сакам да престојувам подолго од 30 дена во некое друго место во Република Македонија  надвор од моето живеалиште?

Ако имате намера да престојувате подолго од 30 дена надвор од местото на Вашето живеалиште, должни сте да се пријавите себе си како и да ги пријавите Вашите малолетни деца во рок од 3 дена кај надлежната полициска станица во местото каде што престојувате и да се одјавите непосредно пред заминувањето.

За пријавувањето и за одјавувањето на престојувалиштето ќе добиете  потврда од надлежниот орган.

Секои шест месеци треба повторно да го пријавите престојувалиштето.

Ако сте сместени во хотел, во туристичко претпријатие, во студентски дом  или во интернат, тогаш тие се должни да го пријават и/или да го одјават вашето престојувалиште. Тие се исто така должни да водат евиденција (книга за гости) за сите пријавени лица.

Не сте должни да го пријавите престојувалиштето доколку припаѓате на една од следниве категории:

-воени лица кои престојуваат во касарни или во други воени установи;

-работници на Министерството за внатрешни работи во објекти за посебна намена на Министерството;

-oсудени лица кои се на издржување на казна затвор во казнено-поправните установи или во воспитно-поправни домови;

-лица кои се наоѓаат на лекување во здравствена организација и

-лица кои престојуваат во објект или во  стан за одмор и за закрепнување во нивна лична сопственост.

Што ако имам намера да престојувам во странство подолго од 3 месеци?

Доколку имате намера привремено да престојувате во странство за период од 3 месеци  до 1 година или да бидете на привремена работа во странство повеќе од 1 година, должни сте да го пријавите одењето во странство, со пополнување образец  „Пријава на граѓанин за престој во странство подолго од три месеци”, кој може да го добиете:

-кај надлежниот орган во местото на живеалиштето; или

-на граничен премин; или

-во дипломатско-конзуларното  претставниште (амбасада или конзулат) на Република Македонија во земјата во која престојувате.

Имате обврска да го пријавите и Вашето враќање во Република Македонија во рок од 3 дена од враќањето во местото на живеалиштето.

Доколку со Вас носите малолетни деца, имате обврска да го пријавите и нивното одење во странство и враќањето во живеалиштето.

Ако не го пријавите Вашето заминување во странство, надлежниот орган по службена должност ќе врши евидентирање.

Доколку Министерството за внатрешни работи утврди дека Вашата поднесена пријава за пријавување на живеалиште, односно на престојувалиште или промена на адресата на станот содржи невистинити податоци, ќе донесе решение за поништување на пријавата и за бришење од евиденцијата за живеалиште.

Може  да бидете парично казнети.

Ќе бидете казнет со глоба во износ од 100 до 500 евра во денарска противвредност  за прекршок ако не го пријавите или не го одјавите живеалиштето, односнo престојувалиштето или адресата на станот или ако не го сторите тоа  во пропишаниот рок, односно ако:

-не го одјавите претходното живеалиште и не го пријавите новото живеалиште во рок од осум дена откако сте се преселиле од едно место во друго во Република Македонија.

-не го пријавите престојувалиштето во кое имате намера да престојувате подолго од 30 дена и кое е надвор од местото на вашето живеалиште, во рок од 3 дена откако сте пристигнале во него.

-не го пријавите Вашето престојувалиште повторно на секои шест месеци.

-не го пријавите заминувањето во странство, подолго од три месеци до една година или заминувањето во странство на привремена работа повеќе од една година.

Ако користите услуги за сместување во угостителски туристички претпријатија, во студентски домови или во интернати, односно ако сте сместени кај други правни лица кои вршат таква дејност, а давателите на услугите не Ве пријават или не Ве одјават или ако не водат книга за гости или ја водат неточно или неуредно или на овластено службено лице на Министерството за внатрешни работи не му овозможат увид во книгите следува парична казна за одговорното лице или за  давателот на услугата, во износ од 1000 до 2000 евра во денарска противвредност.

Стандард за доставување (Временски рок): доколку се врши промена на живеалиште на граѓанин на РМ од еден во друг град најдоцна 20 дена.