/ Прочитано:

1.975

СГИП: Бенефициран стаж и за градежните работници

Претставниците на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање денеска побараа со најавената ревизија на Правилник за бенефициран да бидат опфатени и градежните работници.

Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) на денешната прес-конференција изрази огромно задоволство од најавата на Министерството за труд и социјална политика дека наскоро ќе се направи ревизија на Правилникот за бенефициран стаж, нагласувајќи дека бараат да биде земена предвид и нивната иницијатива за бенефициран стаж која ја имаат покренато уште пред четири години.

Имено, претставниците на СГИП денеска побараа со најавената ревизија на овој Правилник да бидат опфатени и градежните работници.

Иван Пешевски, заменик претседател на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, нагласи дека врз основа на направената анализа констатирале дека има работни места кои го користат правото на бенефициран стаж во другите сектори, а истите работни места во секторот градежништво не користат такво право.

„Исто така, со анализата се утврдени и нови работни места кои не се опфатени во Правилникот, а се третираат со висок степен на ризик и тешки услови за работа. Во согласност со направената анализа, сметаме дека 26 работни места во областа на градежништвото треба да бидат опфатени со бенефициран стаж“, истакна Пешевски.

Според Пешевски, доколку членовите на СГИП не бидат вклучени во ревизијата и доколку биде пропуштено макар и едно работно место од веќе изготвената анализа на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, ќе биде предизвикана голема неправда кон оваа категорија работници.

Инаку, според последните податоци на Државниот завод за статистика, вкупниот број во секторот градежништво е 37.919 работници, а во индустријата на градежни материјали има околу 310 работници.

А. Б.