/ Прочитано:

1.011

Шекспировска дилема за Шкотланѓаните: ДА се биде или НЕ во политички брак со Англија?

„Драматично“ одбројување до референдумот за независност на Шкотска. Денес е последен ден од кампањата за претстојниот референдум за независност на земјата. Утре шкотските гласачи ќе треба да се изјаснат дали се за отцепување или за останување во рамките на Велика Британија. Ден пред судбоносното „да“ за политички брак или, како што вели британскиот премиер, развод од Англија, степенот на безбедност во Шкотска е подигнат на највисоко ниво, а како што се најавува, најголемата тензија се очекува во петок попладне кога треба да бидат објавени официјалните резултати. Дел од поддржувачите на референдумот најавуваат и протести доколку не успеат да го освојат мнозинството гласови.

„Понудата“ за поголеми овластувања дочекана како навреда

Според анкетите, 97 насто од населението со право на глас ќе излезе на референдум. И двете страни се обидуваат до последен момент да ги убедат неопределените гласачи да го дадат гласот токму за нивната опција. Последните резултати од анкетите покажуваат тесна разлика меѓу оние кои се „за“ и оние кои се „против“ отцепувањето.

Конзервативниот премиер, Дејвид Камерон, вицепремиерот од партијата на либералните демократи Ник Клег и лидерот на лабуристите, Ед Милибанд се залагаат шкотскиот Парламент да добие нови суштествени овластувања во однос на даночната политика, расходите и финансирањето на основните јавни услуги како што е здравството. Освен давањето повеќе овластување за шкотскиот Парламент, предвидено со сегашниот закон за деволуција (префрлање на овластувањата од Лондон на Единбург), лидерите на конзервативната, либералдемократската и лабуристичката партија, се обврзуваат и на еднаквото распределување на ресурсите во Велика Британија, како и за префрлање на финансирањето на државното здравство на владата во Единбург, во рамките на зголемените овластувања на тамошниот Парламент во секторот на даноците и фискалната политика.

Првиот министер и лидер на Шкотската национална партија (СНП), Алекс Салмонд и неговите приврзаници, ја отфрлија Декларацијата и ветувањата на трите најголеми британски партии за зголемување на овластувањата на Парламентот во Единбург, третирајќи ја како „навредлива“.

„Понудата за зголемување на деволуцијата на Шкотска е „навреда“ за гласачите“, рече шкотскиот заменик прв министер, Никола Старџен, нагласувајќи дека она што сега и треба на Шкотска, е целосна независност и одделување од Велика Британија и почитување на шкотските историски амбиции.

Политичка унија, но поделена нација во однос на шкотско-англиските односи

Кралството Шкотска е независна држава од 1 мај 1707, кога со указ за обединување, влегло во рамките на Кралството Англија. Со ова е создадено кралството Велика Британија, но во тие историски околности Шкотска ги сочувува своите институции, вклучително и Презбитеријанската црква на Шкотска која остана одвоена од Англиканската црква на Англија.

Унилатералниот „око за око“ договор меѓу Англичаните и Шкотите во врска со наследството на тронот, довел до договор за обединето кралство, наречено Велика Британија.

Договорот за траен мир од 1502 година, кој го потпишале шкотскиот крал Џејмс Четврти и англискиот крал Хенри Седми, требало да стави крај на непрестаните Англо-Шкотски војни, а тоа вклучувало и брак помеѓу Џејмс и Маргарет, ќерката на Хенри.

Ова ја поставило основата на Унијата на круни, еден век подоцна во 1603 година, кога нивниот правнук кралот Џејмс Шестиот го наследил англискиот трон од кралицата Елизабета.

Крис Вотли, универзитетски професор по историја, вели дека темата за политичка унија на почетокот на 18-иот век предизвикала сличен интензитет на дебати како што се и денешните.

„Шкотска сега е поделена нација. Тогаш Шкотска била длабоко поделена нација во врска со нашите односи со Англија, вели тој.

„Унијата со Англија е брак од интерес, а не од љубов“

Создавањето на Велика Британија „било барем уставно, а не освојување“, оценува Дејвид Мекрон, професор по политички науки на Единбуршкиот универзитет. Тој нагласува дека „секогаш постоела можност за отцепување на Шкотска и тоа би било политичка, но не и уставна криза“.

Најпознатиот шкотски историчар Том Девајн, кој се смета за интелектуалец кој е многу влијателен во јавноста, вели дека унијата со Англија во 18 век била брак од интерес, нe од љубов. Професорот смета дека Шкотска е силна земја со развиена индустрија и ресурси, туризам, финасиски услуги и ефективен јавен сектор, но додава и дека ресурсите се тие кои не Шкотска и даваат моќ.

„Унијата со Англија е брак од интерес, а не од љубов“, вели познатиот историчар, посочувајќи и на културно-историскиот диверзитет на Шкотска во однос на Англија, како нешто кое „треба да се почитува“.

„Шкотска и Англија отсекогаш беа различни – тоа го препознаа и Римјаните

На сличен став е и аналитичарот Даниел Шешкевиц кој во текст за „Дојче Веле“ се повикува на културните и политичките разлики на двете земји и народи.

„Шкотска отсекогаш беше поинаква во однос на нејзиниот јужен сосед Англија. Тоа го препознаа и Римјаните. Не без причина римскиот крал Хадриан во вториот век од нашата ера подигна ѕид и насип на границата со келтските Пикти на Северот. И во следните векови Келтите на Северот и Норманите и Англосаксонците на југот водеа војна, во која шкотските воини секогаш знаеа да го заштитат своето кралство.

Дури по унијата на кралските фамилии во 1603 година и несреќниот обид на Шкотланѓаните со едно источноиндиско друштво да ја постави основата за една сопствена трговска империја, во 1707 година беше изгласана принудна парламентарна унија со Англија. Со тоа беше поставена основата за издигнување на Британија во светска сила. Шкотланѓаните и Англичаните, поврзани со богатиот со јаглен Велс, тогаш создадоа глобалено уникатно мноштво на ресурси, што кралскиот остров го донесе на светската сцена на политичката моќ и донесе благосостојба за многу луѓе. Културните и политички разлики испливаа на површина дури во втората половина на 20 век, и тоа со сета сила“, смета Шешкевиц, кој резимира дека Шкотланѓаните не треба да бидат загрижени во економска смисла.

„И покрај ограничените резерви на нафта, шкотската држава со енормните ресурси на обновлива енергија ќе спаѓа меѓу 20-те економски најсилни земји во светот. Европа од тоа може само да профитира“, вели Шешкевиц, додавајќи дека Шкотска со децении нема доживеано културна ренесанса и дека ваков чекор е меѓународно-правно прифатлив и економски и европски оправдан.

„Процес на деволуција и навраќање кон историските спомени

„Во овој шкотски случај постои легитимен правен механизам и таму има еден процес на деволуција. Таму постоела историска држава и ентитет, па сега тие во еден деволутивен процес, а во рамките на една стабилна состојба во ЕУ, се обидуваат да се вратат назад на некакви историски спомени за сопствената независност и етнички идентитет“, го оценува проф. д-р Љубомир Фрчкоски процесот на осамостојување на Шкотска, кој, како што вели, е во сосема различна позиција од осамостојувањето на Крим.

Основни правни акти за референдумот за независност и законска постапка

Шкотска и Обединетото Кралство се договорија во октомври 2012 година да се одржи референдум за независност на Шкотска од Обединетото Кралство во 2014 година. По Договорот помеѓу владите на Шкотска и Обединетото Кралство, се донесеЗаконот за референдум за шкотската независност, кој  доби кралска согласност на 17 декември 2013 година.

Прашањето за референдумот, како што беше предложено од Изборната комисија, ќе биде „Треба ли Шкотска да биде независна држава?”

Со некои исклучоци, сите жители на Шкотска над 16 години можат да гласаат, претставувајќи над 4 милиони гласачи. Само просто мнозинство е потребно за одлучување во донесувањето на конечната одлука на референдумското прашање.

За некој да гласа на референдумот треба да биде жител на Шкотска, оние кои се родени, но сега не живеат во Шкотска тоа право го немаат. Сите граѓани на Британија или на Европската унија кои живеат во Шкотска имаат право на глас.

Минимална граница за излезност како легитимност и валидност на референдумот не постои и за да успее референдумот за независност потребно е само просто мнозинство – предвидуваат прописите.

Кралицата загрижено предупредува, ЕУ молчи

Инаку, сегашниот референдум се однесува само на политичката унија со Англија, а не и на унијата на круните. Но, најавите за шкотска независност, внесоа немир и кај „круната“. Британската кралица Елизабета Втора се надева дека Шкотска „ќе донесе правилна“ одлука и добро ќе размисли дали на претстојниот референдум ќе гласа за независност или не.

Некои од клучните прашања кои  го разработуваат „аспектот на иднината“  во кампањата се прашањата која валута ќе ја користи Шкотска, каква ќе биде монетарната политика, јавните трошоци и експлоатацијата на нафтата од Северното Море. Британски експерти сугерираат дека доколку референдумот успее, задржувањето на фунтата е најмудро привремено решение, а како опција се споменува и можеби да се приклучи кон евро-зоната, а богатите ресурси се гаранција за економска стабилност на земјата.

„На Европа и е потребен нов модел“, смета холандскиот експерт Арнат Мијс, кој предупредува дека Шкотска би можела да биде само прва во низата на отцепени територии, што во крајна линија ќе доведе до фрагментација на ЕУ.

Во ЕУ, пак молк за тековниот процес на кампањата и референдумот. Претставниците на Европската унија и НАТО се без официјален став и молчат за шкотскиот референдум, но во Брисел, како што пренесуваат светските медиуми, евидентен е стравот од последиците на можната независност, а постојат и неофицијални дипломатски најави дека Шпанија и Белгија ќе ја блокираат Шкотска да се приклучи кон Европската унија, ако добие независност од Велика Британија. Се забележуваат и информации дека Шкотска доколку добие независност како секоја друга земја која има аспирации кон ЕУ треба да започне нов процес за нејзин прием.

Шкотска во ЕУ и НАТО – помеѓу правото и политиката

Всушност, едно од клучните прашања кои се наметнуваат за шкотската независност се нејзините ЕУ и НАТО амбиции и дали е потребна нова процедура за прием на Шкотска. Според Дејвид Едвардс, поранешен судија на Европскиот суд на правдата, Европската повелба нема предвидено случај во кој една земја која ќе се одвои од друга земја членка треба да поднесе барање за членство и дека самата држава автоматски треба да биде дел од Унијата.

Така мисли и професорот Никлас Брембер од Шведскиот институт за меѓународни односи, кој е уверен дека 18 месеци колку е што одредено да помине помеѓу гласањето и спроведувањето на одлуката доколку е за независност на Шкотска е доволен период да се договори денот кога Шкотска и официјално ќе ја прогласи својата независност и „лесно да постане и дел од Унијата“.

Сепак, најавите од ЕУ и НАТО се дека тој процес нема и да се одвива така лесно. Генералниот секретер на НАТО, Расмунсен потенцираше дека не сака да се меша во волјата на Шкотска, но евентуална независност на Шкотска ќе значи дека земјата треба да помине низ истата процедура како и било која земја која сака да се зачлени. Дополнителна загриженост на британските сојузници е британскиот нуклеарен арсенал кој се наоѓа во Шкотска, а кој Шкотланѓаните не го посакуваат во своја близина. Имено, со независност на земјата и тоа го отвора прашањето за префрлање на нуклеарниот арсенал.

Слични најави како онаа на Расмунсен пристигнуваат и од ЕУ, од каде порачуваат дека влезот на Шкотска во ЕУ нема да биде така едноставно.

„Потребна е политичка волја, ако сака и кралицата ќе добие шкотски пасош“

„Свесни сме за тоа, но потребна е само политичка волја. Ако има политичка волја, Шкотска лесно ќе биде дел од ЕУ“, реплицираат на ваквите најави Алин Смит и неговите колеги шкотски пратеници во Европскиот парламент, кои потенцираат дека не постои ниту еден договор, ниту еден закон дека Шкотска треба да си замине од Унијата и не веруваат дека ЕУ како земја со импозантни ресурси ќе сака да ја изгуби Шкотска, додавајќи дека доколку сака и британската кралица може да земе „шкотски пасош“.


Автор: Милчо Велјаноски / veljanoskim@akademik.mk Објавено: 17.09.2014