/ Прочитано:

1.632

ШЕСТМЕСЕЧНА РАБОТА НА СЈО: Поведени три истражни постапки и 15 нови предистраги

Според информациите достапни во јавноста, а презентирани од Специјалното јавно обвинителство, досега се започнати три истражни постапки, како и 15 нови предистраги кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките што се однесуваат на градежни работи.

Специјално јавно обвинителство прес за „Титаник“

Утре Специјалното јавно обвинителство, според законската обврска, треба да достави шестмесечен извештај за својата работа до Собранието и до Советот на јавни обвинители.

Извештајот треба да содржи податоци за активностите на СЈО, вклучувајќи и опис на напредокот во која било истрага или гонење преземено од страна на јавниот обвинител.

„Во таквиот извештај јавниот обвинител може да изостави материјали што, според него, треба да се чуваат како доверливи, но тој ќе обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“, се наведува во Законот за Специјалното јавно обвинителство.

Како што потврдуваат од Специјалното јавно обвинителство, ќе ја почитуваат обврската и во текот на утрешниот ден извештајот ќе го достават до Собранието и Советот на јавни обвинители и тој ќе биде достапен и за јавноста.

Според информациите достапни во јавноста, а презентирани од Специјалното јавно обвинителство, досега се започнати три истражни постапки, како и 15 нови предистраги кои се однесуваат на проверки во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, злоупотреби на постапките што се однесуваат на градежни работи.

Во предметот „Титаник“ се опфатени девет лица, поранешни високи владини и локални функционери, меѓу кои поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, генералниот секретар во Владата, Кирил Божиновски, градоначалникот на Пустец, Албанија, Едмонд Темелко и уште неколку лица.

Делата кои им се ставаат на товар на осомничените во „Титаник“ се злосторничко здружување од чл.394 од КЗ, повреда на избирачкото право од чл.159 од КЗ, повреда на слободата на определување на избирачите од чл.160 од КЗ, поткуп при избори и гласање од чл.162 од КЗ, уништување на изборен материјал од чл.164 од КЗ и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања од чл.165-а од КЗ

СЈО отвори истрага и против членови на општинската изборна комисија во Чаир за кривично дело изборна измама како и против пет судии на Управниот суд во Скопје и четири членови на Државна изборна комисија од 2013 година за кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ.

Слаба соработка со институциите

Специјално јавно обвинителство прес за „Титаник“

Во последното соопштение кое го објави Специјалното јавно обвинителство беше наведено дека поголем број државни институции, но и јавни службеници и државни функционери, наместо да го пријават криминалот, се ставаат во негова одбрана и прикривање.

„Од институциите што одбиваат соработка со ова јавно обвинителство првенствено би ги споменале Агенцијата за катастар на недвижности, Управата за безбедност и контраразузнавање, односно Одделот за оперативно техничка поддршка (познат како Петта управа), Единицата за заштита на сведоци при МВР, Општина Битола, одредени министерства, а на оваа листа се надоврзуваат и Управниот суд, Основното јавно обвинителство Скопје и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“, стоеше во соопштението на СЈО.

СЈО од јавните обвинителства доби 36 предмети, пет заглавија кај Советот на јавни обвинители

Кога Специјалното јавно обвинителство ги доби предметите што беа отворени во јавните обвинителства, тие беа 36 на број. Сите произлегуваат од прислушуваните разговори. По неколкумесечно разгледување на прислушуваните материјали, СЈО побара уште пет предмети од Скопското јавно обвинителство и од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, меѓу кои се и предметите за „Маѓар телеком“, за пиштолот на Зоран Верушевски и предметот против синот на Верушевски за детска порнографија.

Од обвинителствата беше одговорено дека овие предмети не произлегувале од прислушуваните разговори и поради тоа сметаат дека тие не се во надлежност на СЈО. Сепак, барањето на Специјалното јавно обвинителство го препратија до Советот на јавни обвинители, кој веќе еден месец се нема изјаснето дали може да ги преземе овие предмети Катица Јанева.

Покрај за предметите, Советот ќе треба да се произнесе и за извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство, како и за судбината за двете обвинителки, Марија Ѓоргева и Лејла Кадриу, кои Јанева ги отстрани од работа поради намален обем на работа.

М.С.