/ Прочитано:

3.426

ШКОЛАТА НА МЛАДИТЕ КРИВИЧАРИ – НОВ ПРОСТОР ЗА НАПРЕДНАТА КАЗНЕНОПРАВНА МИСЛА: Интервју со проф. д-р Никола Тупанчески

Здружението на млади кривичари на Република Македонија, во рамките на предвидените активности, оваа сабота во Охрид, ќе ја организира првата Школа за млади кривичари, на тема: „Реформата на материјалното казнено право – контекстуални аспекти“.

foto akademik

На првата Школа за млади кривичари свое учество ќе земат еминентни професори и експерти од областа на казненото право во Република Македонија, кои ќе дискутираат за предизвиците и за реформите на казненото право. Школата овозможува понатамошен развој и културна соработка на сегашни и поранешни студенти на магистерски студии од областа на казненото право и обука за важни и клучни институти и други законски решенија што претставуваат новина и напредок во реформирањето на материјалното казнено право преку размена на искуства и вештини.

„Слободната и напредна казненоправна мисла мора да добие простор за своја експликација, а нејзина дополнителна вредност претставува токму активното вклучување на младите кадри кои се во еден почетен стадиум на развој на нивната правничка професија“, вели за Академик  проф. д-р Никола  Тупанчески, професор по казнено право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и претседател на новонастанатото Здружение на млади кривичари на Република Македонија.

Професоре Тупанчески, оваа сабота во Охрид ќе се одржи Школата за млади кривичари, во организација на Здружението на млади кривичари. Кои се целите на овој правен настан, мошне значаен за македонската правна едукација?

Следејќи ги искуствата на меѓународен и на компаративен план, како повеќе од неопходна се покажа потребата од востановување соодветна платформа како облик на дополнителна едукација, размена на мислења, ставови и искуства и меѓусебно поврзување на младите кривичари (коишто веќе ги положиле предвидените испити на постдипломските студии на курсот по Казнено право и се во завршна фаза на изработка на нивниот магистерски труд од оваа област, или пак се запишале на докторски студии на насоката Казнено право) за да се зајакне нивниот академски и/или стручен профил.

Помеѓу младите правници, студентите по право и воопшто во правничката фела, основањето на Здружението на младите кривичари беше прифатено со големо задоволство и со поздравување. Која е мисијата и визијата на ова здружение?

Главната мисија на Здружението на млади кривичари е да им овозможи на сите заинтересирани членови да ги продлабочат своите значења во истражувањето на проблематиката што е предмет на нивниот интерес, и тоа особено во однос на теми што претставуваат актуелен предизвик и што налагаат сериозна дискусија во однос на одделните прашања што го сочинуваат костурот на казненото материјално право.  Неспорно е дека Здружението во рамките на своето дејствување нема да остане единствено на рамниште на анализа и детектирање на слабостите на домашните правни прописи и потребата од нивно натамошно ревидирање, туку исто така и со не помал интерес ќе ги следи и меѓународните документи – конвенции, резолуции итн., кои Република Македонија ги има ратификувано во согласност со Уставот, како и инструментите на Европската комисија, Советот на Европа и јудикатурата на Европскиот суд за човекови права. Главната замисла е да се создаде погодна почва за младите кривичари (идни академски кадри, адвокати, аспиранти на Академијата за судии и јавни обвинители) за продлабочено и критичко размислување за сите прашања што, гледано од денешен аспект, сериозно го разнишуваат традиционалниот систем на казненото право и го туркаат во насока на воведување нови трендови кои заслужуваат сериозна анализа и доведување во врска со класичните општи институти, облици на криминал, но и со новокомпонираниот систем на санкции со сите негови недоследности и потреби од натамошно ревидирање.

Со еден збор, слободната и напредна казненоправна мисла мора да добие простор за своја експликација, а нејзина дополнителна вредност претставува токму активното вклучување на младите кадри, кои се во еден почетен стадиум на развој на нивната (правничка) професија.

Темата на школата гласи „Реформата на материјалното казнено право – контекстуални аспекти“. Според Вас, во кои насоки треба да се движат реформите на материјалното казнено право и во тој контекст кон што треба да го насочат својот истражувачки интерес младите кривичари?

Од денешен аспект, националното казнено материјално право претставува нуспроизвод, природна последица на прифаќањето на парцијалниот пристап на задоволување на моменталните барања според однапред диктирани теркови, т.е. инаугурирање на компаративни решенија без продлабочено испитување на нивната компатибилност со основните постулати врз кои се заснова домашното право. Тоа со себе носи повеќе слабости и овозможува повеќекратно продуцирање (фелерични) законски решенија чијшто основен белег е токму нивната неусогласеност и нелогичност. Грубо речено, впечатокот што се добива, како во експертските кругови така и од страна на оние што се директно повикани да го применуваат законот, е дека македонското казнено право продолжува да се „развива“ во нагласена изолација од еден посеопфатен, интегрален пристап. Актуелната композиторна рамка е само сведоштво на не докрај соодветно избраниот модел на реформа: се предлагаат или се усвојуваат (неретко, по итна постапка) нови закони, се воведуваат нови санкции без притоа да подлежат на сериозна научна дебата и темелна компаративна анализа. Сето тоа може да има (а делумно, веќе и има!) далекосежни консеквенции врз системската поставеност на казненото право. Имено, потребни се системски измени на казненото материјално законодавство, така што Република Македонија би добила нов, современ европски Казнен законик, кој ќе овозможи ефективна и ефикасна основа за борба против организираниот криминал и останатите неконвенционални форми на криминално дејствување.

ПРВА ШКОЛА ЗА МЛАДИ КРИВИЧАРИ НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА МЛАДИ КРИВИЧАРИ: „Реформата на материјалното казнено право – контекстуални аспекти“

M.В / veljanoskim@akademik.mk