/ Прочитано:

1.052

Шпанија не дозволи референдум за независност на Каталонија: „Се плашите од нашиот глас“, порачуваат Каталонците

Среда, 9 април 2014 – Шпанските пратеници синоќа со 299 гласови „против“, 47 „за“ и двајца „воздржани“ го одбија предлогот за одржување референдум за независност на Каталонија, што регионалната Влада во Барселона, со масовна поддршка од народот, сака да го организира на 9 ноември.

Претседателот на Каталонија Артур Мас изјави дека сепак нема да се откаже од плановите за референдум за независност и покрај тоа што Парламентот во Мадрид ја одби молбата од регионалниот Парламент за дозвола за организирање на референдум.

„Тие се плашат од гласот на Каталонците. Каталонските институции ќе ги проучат законските рамки за да изнајдат начин“, посочи Мас.

Шпанскиот премиер Мариано Рахој за време на седумчасовната дебата повтори дека е невозможно да се дозволи гласање кое е забрането со Уставот.

Каталонскиот пратеник Хоан Ерера изјави дека одлуката на шпанските пратеници ќе ги продлабочи несогласувањата со тоа што не им се дозволува на Каталонците да го искористат правото да одлучуваат за својата иднина.

Анкетите покажуваат дека приближно половина од Каталонците ја поддржуваат независноста, но голем број сакаат да се изјаснат за тоа.