/ Прочитано:

772

Шпанскиот Уставен суд го суспендира предлогот за независност на Каталонија

Четврток, 12 ноември 2015 – Уставниот суд на Шпанија го суспендираше усвоениот предлог-план на регионалниот Парламент во Барселона, за независност на Каталонија.

Највисокиот шпански суд одлучи да отвори постапка околу барањето на владата во Мадрид за испитување на уставноста на решението на каталонскиот Парламент, што автоматски значи негова суспензија, во следните неколкумесеци, додека трае постапката.

Со одлуката за суспензија на предлог-планот за сецесија на Катлонија, устевните судии ги предупредија каталонскиот претседател, Артур Мас и неговата влада, како и претседателот на регионалниот Парламент, на последиците од неприфакањето на ова решение на судот.

Во понеделникот, мнозинството од членовите на каталонскиот Парламент, кое го сочинуваат локални сепаратистички, национални и левичарски партии, го изгласаа предлог-планот за отцепување и за создавање „Република Каталонија“ во следните 18 месеци.

Шпанскиот премиер Маријано Рахој го оцени овој потег на каталонските сепаратисти како „натрапливо непочитување на државните институции“ обвинувајќи ги политичарите околу Артур Мас за „раскрстување со демократијата“. Во своето обраќање во понеделникот, во Мадрид, Рахој рече дека станува збор за интегритетот на Шпанија.

„Тие (сепартистите) се обидуваат да го уништат единството и целовитоста на државата, која има повеќе од 500 години историја“, рече шпанскиот премиер, реагирајќи на усвојувањето на предлог-планот за отцепување.

Во шпанскиот главен град се верува дека Уставниот суд на крајот од постапката ќе пресуди во полза на Владата.

Каталонските партии кои заговараат отцепување на овој регион од Шпанија, соопштија дека ќе продолжат со плановите за прогласување независност, во следните 18 месеци, игнорирајќи ја суспензијата на Уставниот суд на Шпанија. Каталонскиот потпретседател, Неус Мунте изјави дека „политичка воља на регионалната влада е да се продолжи“ со исполнувањето на предлог-планот усвоен во понеделникот, во регионалниот Парламент во Барселона. Каталонските сепаратисти се уверени дека шпанскиот Уставен суд ќе пресуди во полза на владата во Мадрид, но тие ја отфрлаат неговата одлука како „нелегална“. Според толкувањето на сепаратистите, Уставниот суд „нема легитимност“ да го блокира процесот за независност на Каталонија.

Политичките лидери кои заговараат сецесија, најавуваат дека во рок од 30 дена ќе отпочнат со иницијативата за изработка на „каталонски устав“ како и за уредување на посебен финансиски и социјален систем. Реакцијата на каталонските сепаратистички партии доаѓа по решението на Уставниот суд на Шпанија да го суспендира нацрт-планот за независнст на овој шпански регион и да отвори постапка за испитување на уставноста не нивното решение.

Судот ги предупреди водечките лидери на Каталонија на правните последици од непочитувањето на неговата одлука за суспензија на предлог-планот.

Анкетите покажуваат дека мнозинството Каталонци се за организирање референдум за независност, но се длабоко поделени околу отцепувањето. Каталонија е региони во североисточна Шпанија, со површина од 32 илјади квадратни километри и во него живеат 7,5 милиони луѓе. Регионот важи за еден од најразвиените во земјата, учествувајќи со 18,8 отсто во формирањето на брутон националниот производ на Шпанија. Последните податоци покажуваат дека невработеноста во Каталонија изнесува 19 отсто, што е помалку од просекот на земјата, кој изнесува 21 отсто.